На 26 и 27 септември првото издание на „Ohrid Outdoor Festival“

Охрид викендов ќе биде домаќин на првото издание на „Ohrid Outdoor Festival 2026“, настан посветен на спортот, природата, авантурата и активниот начин на живот.
Фестивалот ќе се одржи на 26 и 27 септември, во Скејт парк Охрид, во периодот од 10 до 19 часот.

Првиот ден, сабота (26 септември), е насловен „Discover / Истражи“ и ќе започне со официјално отворање во 10 часот. Посетителите ќе имаат можност да го разгледаат изложбениот и интерактивниот простор, каде што ќе бидат претставени клубови и организации од областа на outdoor активностите, поделени во три сегменти – вода, воздух и земја.
Во текот на денот се предвидени и презентации на различни outdoor спортови, како и музика, храна и пијалаци. Ќе функционира и пулт за резервации под мотото „Пробај утре“, преку кој посетителите ќе можат да се информираат и да резервираат активности за вториот фестивалски ден.
Недела (27 септември) е посветена на „Experience it / Искуси“, со можност за директно запознавање и практично искуство со различни спортови и активности во природа.
Организаторите најавуваат фестивал кој има за цел да ги обедини љубителите на планинарење, водени и воздушни спортови, рекреација, авантура и активен туризам, нудејќи им можност на посетителите да го доживеат Охрид од поинаква перспектива.



