Македонската берза бележи пад од 8%

Македонската берза годинава бележи пад од 8 проценти. Од 90-те компании чии акции котираат, најголемиот дел од тргувањето е концентриран на само десет компании. Вкупниот промет до 15 септември годинава е под 90 милиони евра, Според експертите падот се должи на зголемена глобална неизвесност и геополитички ризици.

„ Кај нас прометот е намален за некои 8 проценти, индексот, нивото на цените, заклучно со 15 септември е намалено за некои 8,8 проценти. Тоа е последица на претходниот силен раст и сега дел од инвеститорите очигледно продаваат и за да материјализираат добивки..”- изјави Иван Штериев Главен извршен директор на Македонска берза.
Енергетските турбуленции и геополитичките случувања носат ризик и од дополнителни инфлациски притисоци, но проценките на експертите се дека засега нема сигнали за влегување на глобалната економија во рецесија.

„Очигледно е дека светот оперира во голема неизвесност. Споредено со пред неколку месеци, сега би рекол дека е особено зајакната. Особено тоа произлегува од турбуленциите на енергетските пазари, а сега поради конфликтот на Блискиот Исток. Но, не би рекол дека глобалната економија е во рецесија, се разбира дека такви ризици постојат меѓутоа мислам нема да имаме рецесија во формална смисла на зборот”– изјави Маријан Петрески Универзитетски професор.
На јубилејната 25. конференција на Македонската берза во Охрид учествуваат над 250 експерти од земјава и регионот, кои дискутираат за развојот на пазарот на капитал, новите финансиски инструменти и актуелните технолошки трендови.

Новинар Соња Рилковска




