Skip to main content

Охрид со велосипедско дефиле ја одбележа Европската недела на мобилност и Денот без автомобили

Со велосипедско дефиле низ градските улици, во кое учествуваа ученици од охридските основни и средни училишта, Охрид денеска се приклучи кон одбележувањето на Европската недела на мобилност и Денот без автомобили, испраќајќи порака за почиста животна средина, поздрави животни навики и поголема употреба на одржливи начини на транспорт.
 |  Маја Савиќ  | 

Охрид денеска се приклучи кон одбележувањето на Европската недела на мобилност и Денот без автомобили. Со велосипедско дефиле низ градските улици, организирано од Општина Охрид во соработка со СВР Охрид, беа промовирани пешачењето, велосипедизмот и одржливиот транспорт како алтернатива на автомобилите и начин за почист воздух и поздрава животна средина.

Во оваа Европска недела на мобилност, испраќаме важна порака дека со помалку автомобили можеме да создадеме почист, поздрав и поубав Охрид, рече во обраќањето на стартот, советничката во Советот на Општина Охрид, Катерина Стојаноска.

„...Овој ден е можност да покажеме дека пешачењето, велосипедизмот и јавниот превоз можат да бидат дел од нашето секојдневие. Со секој чекор и возење велосипед придонесуваме за почист воздух и помалку сообраќаен метеж и поквалитетна животна средина. Општина Охрид и понатаму ќе продолжи да ги поддржува иницијативите кои придонесуваат за почиста, поздрава животна средина. Да го направиме Охрид почист град денес, но и за генерациите што доаѓаат. “ – кажа советничката Стојаноска.

Охрид е дел од мрежата на 4.300 европски градови кои ја одбележуваат Европската недела на мобилност, истакна Јасмина Момироска од Секторот за заштита на животната средина и управување со отпад при Општина Охрид.

„Целта е граѓаните, учениците и сите жители на Охрид денеска да ги остават возилата дома и да се движат алтернативно, значи со пешачење, тротинети, велосипеди, што всушност придонесува за здрави животни навики, а исто така и ја зачувува животната средина.“ – истакна Јасмина Момироска – Сектор за заштита на животната средина и управување со отпад.

На учесниците на денешното велосипедски дефиле, претежно ученици од охридските основни и средни училишта, Општина Охрид додели и бројни награди. Исто така, изминативе денови во Охрид се реализаираа и повеќе граѓански иницијативи што покажува дека свеста за потребата да се користи поеколошки начин на транспорт, што нема дополнително да го загадува воздухот, станува се поразвиена.