Во среда две седници на Совет на Општина Охрид, на дневен ред цените на „Комуналец“, фотоволтаици, сензори за контејнери и советнички прашања

Советот на Општина Охрид на 30 септември (среда) ќе ја одржи 15-тата седница, на која пред советниците ќе се најдат 20 точки на дневен ред. Седницата ќе се одржи во зградата на Општина Охрид, со почеток во 09:00 часот.
Меѓу поважните точки е предлог одлуката за давање согласност на измените на одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши ЈП „Охридски комуналец“. Советниците ќе расправаат и за давање согласност на годишниот план за вработување на ЈП „Градски пазар“ за 2027 година.
На дневен ред е и предлог одлуката за избор на најповолен приватен партнер за поставување фотоволтаични централи на општински објекти на територијата на Општина Охрид.
Советниците треба да одлучуваат и за сензори за мерење на исполнетоста на контејнерите, со вклучен софтвер и безжична комуникација, кои би му биле дадени на трајно користење на ЈП „Охридски комуналец“. Предвидено е и пренесување на правото на користење на камиони за собирање смет, сопственост на Општина Охрид, на ова јавно претпријатие.
Дел од седницата ќе биде посветен и на урбанистички прашања. На дневен ред се предлог-одлуки за донесување урбанистички проекти со план за парцелација во Косел и на туристичкиот локалитет Горица-Св. Стефан-Метропол. Најголем број точки се однесуваат на утврдување потреба од донесување урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправно изградените објекти. Станува збор за повеќе катастарски парцели во Косел, Лескоец и Долно Лакочереј.
Советниците ќе разгледуваат и предлог одлука за давање на времено користење недвижен имот, дел од деловен простор во сопственост на Општина Охрид на Бирото за развој на образованието, како и предлог за давање согласност за издавање под закуп деловен простор на ЈП „Градски гробишта“.
По завршувањето на 15-тата седница, Советот на Општина Охрид, со почеток во 10:00 часот ќе ја одржи и 16-тата седница. На дневниот ред на оваа седница се советнички прашања, преку кои советниците ќе имаат можност да постават прашања до надлежните општински служби и претставници на локалната самоуправа за актуелни прашања од интерес на граѓаните.




