Охрид домаќин на научници од 15 земји, Пецаков ја отвори конференцијата „Безбедност 2030“

Охрид е домаќин на 17-тата Меѓународна научна конференција на Факултетот за безбедност, која годинава се одржува под мотото „Безбедност 2030: ера на паметни технологии, отпорни општества, ризици и предизвици“.
Конференцијата ја отвори градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој истакна дека живееме во период на забрзана дигитална трансформација, во кој новите технологии носат големи можности, но и нови и комплексни безбедносни ризици.

„Во оваа нова ера, безбедносниот систем е темелниот гарант за владеењето на правото, заштитата на институциите и севкупниот развој на секое општество“, порача Пецаков.
Пецаков нагласи дека локалната самоуправа се стреми кон примена на паметни концепти во управувањето, со цел зголемување на безбедноста како за граѓаните, така и за туристите кои го посетуваат Охрид.
„Заклучоците од оваа конференција ќе бидат значаен патоказ за сите нас во креирањето побезбедна иднина“, истакна охридскиот градоначалник.

Конференцијата во Охрид претставува можност за размена на научни сознанија и практични искуства во услови на забрзан технолошки развој и појава на нови безбедносни закани. На конференцијата учествуваат научници и практичари од 15 земји, кои ќе презентираат вкупно 73 научни трудови посветени на современите безбедносни предизвици, паметните технологии и отпорноста на општествата.



