Претставата „Кловн“ ќе донесе детска смеа и радост во Народниот театар Охрид
Со серијата изведби на претставата Кловн, Народниот театар Охрид продолжува да ја негува и развива театарската понуда за најмладата публика, создавајќи простор каде што преку играта, хуморот и сценската уметност децата ќе можат да уживаат во театарот.

Од вторник, 29 септември, до петок, 2 октомври, Народниот театар Охрид ќе биде во знакот на детската смеа и радост. Најмладата публика ќе има можност да ја проследи претставата „КЛОВН“, наменета за околу 1.500 деца од училиштата на територијата на Општина Охрид.
Претставата „КЛОВН“ е по текст на Кристина Тодороска Петреска, инспириран од делото „Се бара стар кловн“ на Матеј Висиек, а режијата е на Ѓорѓи Ризески.
Во претставата настапуваат актерите Адријана Билаловиќ Тодороска, Павел Маслов, Биљана Билаловиќ Вељаноска и Филип Кипровски.
За визуелниот изглед на претставата, односно костимите, се погрижи Моника Гачева, додека кореографијата е на Сања Русевска.





