Продолжува реконструкцијата на „7-ми Ноември“

По завршувањето на градежните активности од првата фаза за реконструкција на дел од улицата „7-ми Ноември“, Општина Охрид продолжува со реализација на следната фаза од проектот.
Втората фаза ќе се реализира во две подфази, со цел побрзо завршување на градежните активности и намалување на влијанието врз секојдневното движење на граѓаните.
Првата подфаза предвидува реконструкција на делницата од фабриката „Братство“ до Основното училиште „Братство Единство“. Во втората подфаза ќе се реконструира потегот од ОУ „Братство Единство“ до пресекот со булеварот „Туристичка“.
Според проектот, предвидена е санација на атмосферската канализација, изградба на нови, уредени и безбедни тротоарски површини за пешаците, како и подземно поставување, односно спуштање на кабелската инфраструктура и останатите оператори.
Проектот опфаќа и поставување нов асфалт и целосна реконструкција на коловозната лента, како и инсталирање ново улично осветлување.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, упати апел до сите учесници во сообраќајот за разбирање и трпение во периодот на изведување на градежните работи.
Од Општина Охрид истакнуваат дека граѓаните треба да го почитуваат привремениот сообраќаен режим со цел безбедно и непречено одвивање на градежните активности.




