30 години ЦКА-ПХВ и Клуб на млади при Црвен крст Охрид, jубилеј на хуманоста, волонтерството и младинската енергија

Со емоции, спомени и средба на повеќе генерации, во Охрид беше одбележан значаен јубилеј, 30 години од имплементацијата на програмата „Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности“ (ЦКА-ПХВ) и 30 години постоење на Клубот на млади при Црвен крст Охрид.

Големата сала на НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид беше исполнета со волонтери, активисти и пријатели на Црвениот крст, кои заедно го одбележаа тридеценискиот пат исполнет со хуманост, солидарност и младински активизам.


Настанот беше можност да се оддаде признание на сите генерации волонтери кои низ годините биле дел од ЦКА-ПХВ и Клубот на млади, но и да се истакне значењето на младите во создавањето похумана и посолидарна заедница.
Програмата „Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности“ (ЦКА-ПХВ) веќе три децении ги поттикнува младите да препознаваат потреби во својата заедница, да осмислуваат активности и преку конкретни акции да придонесуваат за решавање на локални проблеми.

Посебно внимание привлече разговорот со Сашко Георгиески, првиот претседател на Клубот на млади, и Мимоза Ставрева, првата потпретседателка на Клубот, која денес е секретар на Црвен крст Охрид.
Преку нивните сеќавања беа оживеани почетоците на Клубот, предизвиците со кои се соочувале првите генерации и вредностите врз кои се градел младинскиот активизам во Црвен крст Охрид.



На настанот се обратија и Весна Терзиоска, претседателка на Црвен крст Охрид, и Перчо Божиновски, претседател на Советот на Општина Охрид, кои ја истакнаа важноста на младинското учество, волонтерството и поддршката за младите во локалната заедница.


Јубилејната вечер беше збогатена со театарската претстава „Еден мал чекор“, во изведба на „Вдиши Театар“, како и со музички настап на бендот на Клубот на млади.
Од Црвен крст Охрид посочуваат дека 30 години ЦКА-ПХВ и Клубот на млади се повеќе од бројка – тие претставуваат три децении создавање иницијативи, пријателства, волонтерски искуства и генерации млади кои со својата активност придонесуваат во заедницата.






