За десетина дена завршуваат градежните работи во поткровјето на охридската Гимназија

Најдоцна за десетина дена треба да завршат градежните активности во поткровјето на охридската Гимназија. Од Општината велат дека во останатиот дел од објектот наставата се одвива непречено.
Прашањето дали е безбедно учениците да следат настава додека траат градежните работи и кога конечно ќе заврши реконструкцијата на Гимназијата го постави советникот Јован Крлев од СДСМ на денешната седница на Совет.
„Има ли извршено стручна проверка на објектот? Има ли официјален записник и потврда дека објектот е безбеден за учениците? Или повторно наместо одговор на прашањево ќе слушаме дека бил некој негативен…“ – праша Крлев.
Од Секторот за јавни дејности при Општина Охрид посочија дека во моментов се изведуваат градежни работи единствено во поткровјето, каде што нема настава, додека во останатиот дел од Гимназијата се користат 20 училници и наставата се одвива нормално.
„Меѓутоа градежните активности коишто произлегоа, а излегоа како непредвидени работи во поткровјето, каде што не се изведува никаква настава, ќе завршат најкасно до 10-ти октомври. Мајсторите викаат 5-ти октомври, меѓутоа ние даваме уште една недела, дека до тој период ќе се излезе комплетно надвор од гимназијата. Додека кровот, оној дел што е потребно е направен, се очекува само оловото коешто изведувачот го има нарачано и очекуваме исто до крај на октомври да биде монтирано. Специфична е гимназијата за работа, со оглед на тоа кровот, односно кубињата коишто се на самата гимназија се со олово и очекуваме значи до крајот на овој месец, оставаме простор тие да бидат монтирани. “ – објасни Јоне Станкоски од Сектор за јавни дејности.

Во однос на безбедноста, од Општина Охрид уверуваат дека нема причина за загриженост кај учениците и наставниот кадар.
„Предниот дел е затворен затоа што се користи задната врата поради безбедносни причини и сè додека не го затвориме односно не се направат кубињата, тој дел тука ќе биде ограден. “– посочи Станкоски.
Реконструкцијата на Гимназијата ќе продолжи и во текот на следната година. Од Општина Охрид информираат дека е изработен проектот за реконструкција на фасадата, преку кој ќе се аплицира до Министерството за култура, а веќе е нарачан и проектот за реконструкција на спортската сала.




