Skip to main content

Бездомните кучиња сè побројни на охридските улици, регионално решение за проблемот од следната година

Бездомните кучиња стануваат се побројни во Охрид, а постојниот модел на заловување и хуман третман преку ветеринарни служби не се смета за трајно решение. Општината повторно ја отвора идејата за регионален центар за бездомни животни, а конкретни чекори се најавуваат со обезбедување средства од достапните фондови.
 |  Маја Савиќ  | 

Бројот на бездомни кучиња во Охрид евидентно расте. Активистите вината ја гледаат во неодговорните сопственици, оставањето нови легла на улица, но и носењето кучиња од други градови.

Прашањето дали Општина Охрид има конкретна стратегија и иницијатива за надминување на проблемот со кучињата скитници, на последната седница на Советот го постави советничката од ЗНАМ, Елена Ристеска.

Во моментов, Општина Охрид и ЈП „Охридски Комуналец“ проблемот го решаваат преку ангажирање ветеринарни служби на годишно ниво. Тие се задолжени за заловување, стерилизација и хуман третман на бездомните кучиња. Сепак, според градоначалникот, ваквиот пристап не е трајно решение.

„Имаме и позитивни и негативни искуства, посебно во начинот односно обемот на работа којашто ветеринарите ја завршуваат, но ова не е решение. За ова постоеше иницијатива во периодот од 2020-2022 на Југозападниот плански регион за регионален центар за кучиња бездомници за заловување, хуман третман, чување. Меѓутоа тие достапните средства од Швајцарската влада тогашниот Југозападниот плански регион одлучи да се пренаменат за три клучни здравствени институции од регионално значење.“, истакна градоначалникот.

Средствата тогаш беа пренаменети за три здравствени институции од регионално значење, Болницата за нефрологија во Струга, Центарот за физикална терапија при Специјалната болница „Св. Еразмо“ и зградата за рехабилитација на Кардиолошкиот центар во Охрид. Проблемот со бездомните кучиња повторно е ставен во фокусот на новиот состав на Советот на градоначалници од Југозападниот плански регион. Најавите се дека на почетокот на следната година ќе се преземат конкретни чекори.

„Очекувам на почетокот на наредната година да имаме разговор врз основа на пристапни фондови со коишто Југозападниот плански регион, Бирото за регионален развој, но и центрите за развој низ Македонија ќе можат да располагаат. Ја ставивме оваа тема како приоритна во Југозападниот плански регион и очекувам дека во првиот момент кога ќе ни бидат на располагање соодветни грантови и средства, тие ќе бидат искористени токму за оваа наменети.“, додаде Пецаков.

Според надлежните, значаен дел од проблемот произлегува од неодговорното сопствеништво и неконтролираното размножување на животните. Дополнителен проблем во Југозападниот Регион е недостатокот на прифатилишта и стационари каде што би се згрижувале бездомните животни. Новите законски измени, кои подолг период се најавуваат, според надлежните треба да донесат построги правила за одговорно сопствеништво, задолжително микрочипирање и поголема контрола врз размножувањето.