Литературен и ликовен конкурс на тема „Хумани прегратки за достоен и подолг живот“

Во рамките на активностите за промовирање на здраво, активно и достоинствено стареење, Програмата за грижа за стари лица „Најди време“ при Црвен крст Охрид распишува литературен и ликовен конкурс на тема „Хумани прегратки за достоен и подолг живот“.
Конкурсот се распишува со цел да придонесе кон поттикнување на меѓугенерациската солидарност и кон јакнење на јавната свест за важноста на заедничкото учество во хуманитарните активности. Притоа, акцент се става на поттикнување на креативниот дух меѓу младите и на нивното учество во градењето општество во кое секоја генерација е важна.
На конкурсот може да учествуваат учениците од основните и средните училишта од општините Охрид и Дебрца и друга популација со поезија, проза и ликовна уметност.
Творбите може да се достават во просториите на Црвен крст Охрид на улица „Димитар Влахов“ број 52 или да се испратат на е-мејлот ohrid@redcross.org.mk, најдоцна до 12 ноември 2026 година. Творбите треба да бидат потпишани од авторот со следниве податоци: име и презиме, возраст, училиште, одделение/клас, телефон за контакт и адреса на живеење.
Доставените творби ќе ги разгледува и оценува комисија која ќе награди творци во следниве категории: од прво до петто одделение; од шесто до девето одделение и од средно образование и други. Резултатите од конкурсот ќе се објават на 15 ноември 2026 година, а наградите ќе се доделат свечено на 19 ноември 2026 година во Црвен крст Охрид, со почеток во 12 часот.




