Заедничка иницијатива на Грција, Македонија и Албанија за впишување на Преспанско Езеро на Листата на УНЕСКО

По неодамнешното впишување на Олимп на Листата на светско наследство на УНЕСКО, Грција се стреми во каталогот да го вклучи и Преспанското Езеро, на границата со Албанија и Северна Македонија. Во иницијативата, што Грција ја започна во 2014 година, овојпат како сојузници ги има двете соседни земји, со кои го дели прекрасното езеро и заеднички ја промовираат иницијативата, со поддршка и од Европската Унија, пишува весникот Катимерини во текстот насловен „Голема Преспа: Сојуз со цел да се вклучи во УНЕСКО“.
Според весникот, следниот петок (9 октомври) , грчката општина Преспа, ќе биде домаќин на средба на министрите за култура на трите земји, Лина Мендони, Бленди Гонџа и Седат Сулејмани, на која ќе присуствува и амбасадорот на ЕУ во Скопје Михалис Рокас, а целта е да се испланираат следните чекори.
Весникот потсетува дека идејата за впишување на Преспанското езеро на Листата на светско наследство на УНЕСКО не е нова. Барањето за првпат беше формулирано од грчката страна на 16 јануари 2014 година, кога официјално беше поднесено на „индикативната листа“ – почетната фаза од поднесувањето на целокупното досие – и се однесуваше на „мешан споменик“, односно природно (вода, биодиверзитет итн.) и културно наследство, поради прекрасните византиски и поствизантиски споменици.
Сега, на иницијатива на министерката за култура на Грција Лина Мендони, „прашањето е надградено на агендата и на Министерството и на грчката Влада, со предлог кандидатурата да се промовира заеднички со Албанија и Северна Македонија“.




