Никола Краљевски од РЦСОО „Ванчо Питошески“ освои прво место на ИНТЕРФЕСТФУД 2026

Ученикот Никола Краљевски од РЦСОО „Ванчо Питошески“ – Охрид го освои првото место во категоријата „Black Box“ на гастро-фестивалот ИНТЕРФЕСТФУД 2026, кој на 3 октомври се одржа во Скопје.
Краљевски настапи под менторство на професорот Војо Ангелоски, заедно со учениците Марио Анакиески и Северџан Мустафоски. Фестивалот, кој годинава се одржа по 18-ти пат, е во организација на хуманитарната организација „Ангелчиња ХОА“ и „Веро-центар“.

Покрај ревијалниот, фестивалот имаше и натпреварувачки карактер, а учесниците се натпреваруваа во повеќе категории.
Во категоријата „Black Box“, натпреварувачите добиваат кутија со непознати намирници, по што од страна на судиите им се соопштува задачата и темата на натпреварувањето. За извршување на задачата имаат само 10 минути.

Оваа година, во кутијата имало торта и шлаг во црвена, жолта и бела боја, а задачата била од достапните состојки да се декорира тортата во боите на македонското знаме.
Најуспешен во оваа категорија бил ученикот Никола Краљевски, кој со својата изработка го освои првото место, со што уште еднаш беше потврдено знаењето, креативноста и вештините на младите готвачи од РЦСОО „Ванчо Питошески“ – Охрид.





