Skip to main content

Охрид доби прва генерација млади голфери, 15 млади таленти успешно ја завршија првата школа за голф

Со турнир, насмевки и доделување сертификати, Голф Клуб Охрид го заокружи првиот успешен циклус од пионерската школа за голф, најавувајќи продолжување на проектот на првиот и единствен голф терен во Македонија, сместен во поранешната касарна во Охрид, Далеку од екраните и градскиот метеж, 15 деца од Охрид изминативе пет месеци ги совладуваа основите, дисциплината и етиката на голфот. Преку игра во природа и на свеж воздух, првата школа за голф во земјава докажа дека младите имаат голем талент и интерес за овој специфичен спорт
 |  Маја Савиќ  | 

Со  турнир и многу позитивна енергија, Голф Клуб Охрид ја промовираше првата генерација млади голфери во Македонија. 15 деца на возраст од 10 до 15 години успешно ја завршија  школата за голф, прва од ваков вид во земјава.  Голф Клуб Охрид на најмладите им овозможи едно поинакво спортско искуство на првиот и единствен голф терен во земјава, лоциран во просторот на поранешната касарна во Охрид. Петмесечната обука за почетници, беше заокружена со турнир, доделување сертификати и дружење.

–Јас сум Ангел Ниќев Ѓуровски. Па голфот не беше толку лесен спорт. За некој што има дарба да игра е лесен, а за некој тежок, но најчесто лесен е. На турниров беше тешко. Победив. Се удира многу далеку топчето и многу треба да одиш без одмор, без престан, освен ако некој удира, тогаш се одмораме малку.

–Здраво, јас сум Теодор Цветковски. Голфот ми е омилен спорт. Би сакал да продолжам. Овдека се дружам со другарчиња, убаво ми е, малку и тежок спорт е, ама кога ќе го научиш, лесен е.

–Јас сум Ива. Голфот е лесен спорт според мене и ако го сфатиш, можеш да продолжиш да играш. Најинтересно во голфот ми е кога ќе почнуваме, сакам да мавнам многу јако за да стигнам до крај.

–Јас сум Ана Зиврев и според мене голфот е лесен спорт, ама за некој може да е и тежок. И најомилено ми е кога ќе почнуваме да играме, се ми е омилено, интересно ми е се.

–Јас сум Мила Ѓорганоска. Мене голфот ми е лесен и јас брзо го совладав и најомилено нешто ми е дека можеме секој час да учиме и одиме секаде за да играме.

–Јас се викам Павел Ивановски и многу сакам да играм голф затоа што многу ми е интересно и многу сакам да мавам далеку.

– Јас сум Славјан Митаноски. Многу го сакам голфот, но пред се секој спорт треба да се има дисциплина. Најмногу во голфот сакам кога топката оди далеку, најубава палка ми е драјверот и шеската.

– Здраво, јас сум Александар Јовановски. Потешко ми е да шутирам од далеку отколку да го дам од блиску, од блиску е лесно.

-Здраво, јас се викам Давид Симоноски. Јас сакам да продолжам со голф оти ми е преубаво и сите другарчиња ми се тука.

– Здраво, јас сум Станислав Андонов. Јас со тренерот учев голф и успешен бев.  Тренерот е малку строг. Успешно ја завршив школата.

Успехот на првиот циклус ги потврди потенцијалите и талентот кај младите охриѓани, кои со дисциплина и посветеност ги совладаа сите правила на овој специфичен спорт. 

„Денеска е денот кој ние, го завршивме со успешен турнир, а воедно ја почнавме генезата на млади голфери кои ќе продолжат и понатаму со своите успеси. Значи, планираното од програмата за школата за голф за дечиња заврши успешно. Дечињата беа фокусирани на тренингот, на задачите кои ги задававме како тренери и инструктори и ете, сега денеска го комплетиравме сето тоа со успех и со сертификат кој дава на дечињата ветар во грб да продолжат и да бидат едни од најуспешните голфери во Македонија.“– изјави инструкторот по голф,  Јордан Зиврев.

Програмата и тренинзите на децата им овозможија не само физичка активност, туку и развој на координација, дисциплина, и стратешко размислување. За сите учесници беше обезбедена комплетна опрема, а часовите ги водеа искусни лиценцирани македонски инструктори.  

Поддршката од родителите и нивната доверба беа клучни за реализацијата на оваа идеја, велат од Голф Клуб Охрид, а самите родители не го кријат задоволството од позитивните промени што ги гледаат кај своите деца.

„Го запишавме на голф пред сѐ затоа што сметам дека средината е прекрасна, значит тренира во природа, на отворено, чист воздух, зеленило наоколу. Голфот е спорт којшто ги учи децата на дисциплина, почит, издржливост и детето наше е пресреќно и буквално секој ден доаѓа тука, не само кога имаат тренинг, така што сме презадоволни и ќе продолжиме и понатаму да доаѓаме.“ – вели Дијана Цветкоска.

Од Голф Клуб Охрид истакнуваат дека главната цел е младите да поминуваат повеќе време на отворено, далеку од дигиталниот свет и секојдневниот метеж, најавувајќи дека овој пионерски проект ќе продолжи.