Енергетската транзиција во охридските училишта, над 205 милиони денари инвестиции од 2022 до 2025 година

Енергетската транзиција станува дел од образовната инфраструктура во Охрид. Реконструкција на училишни објекти, енергетски фасади, нова дограма, системи за греење и фотоволтаици се дел од инвестициите со кои се подобрува енергетската ефикасност во училиштата.
Во периодот од 2022 до 2025 година, во основното образование се реализирани вкупно 147.177.185 денари капитални инвестиции, додека во средното образование вложувањата изнесуваат 58.426.324 денари.
„Општина Охрид перманентно вложува во подобрување на енергетската ефикасност во училиштата со цел, прво, намалување на потрошувачката на енергенси, подобрување на условите за работа на наставниот кадар, нормално и подобри услови за учење на учениците. Во текот на 2026 година, особено во летниот период, во одредени училишта се изведуваат градежни работи.”- вели Јоне Станкоски од Општина Охрид.
Во средното образование, значаен дел од инвестициите се насочени кон охридската гимназија. Средствата се искористени за внатрешни ѕидови, кров, под, столарија и промена на електричната инсталација.
Во 2022 година, пак, во СОСУ „Св. Кирил и Методиј” биле реализирани 24.634.008 денари, меѓу кои и средства за термофасада, кров, дел од дограмата и нов систем за греење.
Енергетската транзиција се гледа и преку користењето обновливи извори на енергија. Фотонапонска централа е поставена во СОСУ „Св. Кирил и Методиј”, а според Општина Охрид фотоволтаици има и во други училишни објекти.
„Во овој период се вложени над 50 милиони денари, само во овој период, значи во летниот период, над 50 милиони денари за подобрување на енергетската ефикасност со промена на кровот, нова дограма, ѕидовите се комплетно реконструирани во самото училиште и поставување на нов систем за греење. Значи, околу 63 милиони денари само во 2026 година се вложени во основните и средните училишта за подобрување на енергетската ефикасност.”- вели Станкоски.
Во училиштата се подобруваат и системите за греење, се менува дограмата и се поставуваат енергетски фасади, со што целта е да се намали потрошувачката на енергија и трошоците за функционирање на објектите.
Од Општина Охрид најавуваат дека поставувањето фотоволтаици ќе продолжи и во други училишта, паралелно со реконструкцијата на објектите и подобрувањето на системите за греење.




