Skip to main content

Обезбедени 470 милиони денари за завршување на затворениот базен во Охрид, пo 11 години застој

Со обезбедувањето на средствата и создавањето на услови за продолжување на работите, затворениот базен во Охрид по повеќе од една деценија застој влегува во нова фаза со очекување конечно да биде ставен во функција.
 |  инфодеск  | 

Владата ја усвои точката со која се создаваат услови за продолжување и конечно завршување на изградбата на затворениот базен во Охрид, проект кој започна во 2015 година и речиси една деценија остана незавршен.

Од Министерството за спорт информираат дека за целосно завршување на објектот се обезбедени 470 милиони денари, со што, како што велат, се отвора јасна перспектива проектот конечно да биде реализиран.

По преземањето на надлежностите, Министерството за спорт извршило темелна анализа и ревизија на состојбата со проектот, при што биле утврдени технички, финансиски и административни пречки кои со години го забавувале неговото завршување. Како дел од активностите за надминување на проблемите, била направена и неопходна измена на основниот проект, со што се создадени услови изградбата да продолжи.

Затворениот базен е еден од најзначајните спортски инфраструктурни проекти во Охрид. Неговото завршување треба да обезбеди современи услови за тренинг на пливачите, развој на младите категории, организирање спортски натпревари и унапредување на спортската инфраструктура во градот.

Од Министерството за спорт посочуваат дека нема да дозволат затекнатите проблеми да бидат причина капиталните спортски објекти да остануваат недовршени.

„Активно работиме на изнаоѓање конкретни и одржливи решенија за проектите кои со години стоеле во место“, велат од Министерството.

Оттаму изразуваат благодарност до Владата и до премиерот Христијан Мицкоски за поддршката и определбата, како што наведуваат, за инвестирање во спортот и спортската инфраструктура.