Skip to main content

Метеоролошки и хидролошки мониторинг во Националниот парк Галичица

Податоците за времето, водостојот и промените во природната средина во Преспанската Котлина отсега се следат континуирано, преку метеоролошка и хидролошка станица поставени во рамките на проект за заштита на пештерските екосистеми во Националниот парк „Галичица“. Мониторингот треба да покаже како климатските промени влијаат врз овие чувствителни екосистеми и да обезбеди научна основа за нивна долгорочна заштита.
 |  инфодеск  | 

Во Преспанската Котлина се спроведува метеоролошки и хидролошки мониторинг, со цел да се следат промените во животната средина и да се придонесе кон подобра заштита на пештерските екосистеми во Националниот парк „Галичица“.

За потребите на мониторингот, во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми од влијанијата на климатските промени и воспоставување одржлив систем за одговор на катастрофи во Националниот парк Галичица“, набавена и инсталирана е метеоролошка и хидролошка мониторинг опрема.

Метеоролошката станица ги следи локалните временски услови и континуирано собира податоци за метеоролошките параметри. Паралелно, хидролошката мониторинг станица редовно ги регистрира промените во висината на водниот столб на Преспанско Езеро, обезбедувајќи континуирани податоци за состојбата на езерото.

Податоците собрани преку двете мониторинг станици ќе се користат за анализирање на влијанието на надворешните услови и климатските промени врз пештерските екосистеми. На тој начин, мониторингот треба да придонесе кон подобро разбирање на промените во екосистемите и кон унапредување на нивната заштита.

Собраните податоци ќе бидат јавно достапни.

Проектот е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), а го спроведуваат Црвениот крст – Охрид и Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ – Скопје, во соработка со Јавната установа Национален парк „Галичица“.