Skip to main content

Утре промоција на новото издание на книгата „Ќерката на поетот“ од Тоде Илиевски

Тоде Илиевски (1952–2022) е македонски поет, писател за деца и млади, сатиричар, хуморист, енигматичар, шаховски проблемист и преведувач.
 |  инфодеск  | 

Утре, петок, со почеток во 10 часот, во Прличевата одаја на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде промовирано новото издание на книгата за деца „Ќерката на поетот“ од Тоде Илиевски, во издание на Општина Охрид и „Креативна верига“.

На промоцијата свои обраќања поврзани со животот и творештвото на Илиевски ќе имаат директорката на Библиотеката, Христина Трпеска, вишиот библиотекар Милчо Јованоски и Јордан Коцевски, претседател на Здружението „Креативна верига“.

Тоде Илиевски (1952–2022) е македонски поет, писател за деца и млади, сатиричар, хуморист, енигматичар, шаховски проблемист и преведувач. Автор е на повеќе поетски книги за деца и возрасни, а „Ќерката на поетот“ првпат е објавена во 2011 година, во издание на издавачката куќа „Феникс“.

Илиевски бил член на Друштвото на писателите на Македонија од 1994 година. Неговите песни се препеани на повеќе јазици, а преведувал и од словенските јазици.Добтиник е на бројни награди и признанија во земјава и надвор од неа.

Значаен дел од неговата творечка дејност е поврзан и со енигматиката. Објавил повеќе од 9.000 енигматски состави и околу 450 шаховски проблеми во специјализирани шаховски списанија во дваесет земји. Остварил историски успех на престижниот светски турнир FIDE Cup (Светски куп на ФИДЕ за шаховска композиција), каде што неговиот шаховски проблем се пласирал на високото петто место во светот, официјално награден со „5th Honourable Mention“.

Покрај книжевното творештво, Илиевски бил и истакнат културен работник. Еден период бил прв човек на Радио Дебар, а од 2007 до 2011 година бил директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид. Во Библиотеката работел до пензионирањето во 2019 година.

На 9 март 2023 година, постхумно, како заслужен автор, бил прогласен и за почесен член на Библиотеката во Охрид.

Во Охрид традиционално се одржува Литературната манифестација во чест на Тоде Илиевски, во чии рамки се доделува престижната книжевна награда за најдобра необјавена песна за деца „ТОДЕ“.