Skip to main content

Охрид со свечена програма ќе го одбележи 11 Октомври – Денот на Народното востание

Централната свечена програма по повод јубилејот ќе започне во 11 часот пред Домот на културата во Лескоец.
 |  инфодеск  | 

11 Октомври – Денот на Народното востание против фашистичкиот окупатор ќе биде одбележан утре во Охрид со повеќе настани, во организација на Општина Охрид и Сојузот на борци од Охрид и Дебрца.

Програмата започнува во 10 часот со културна манифестација во чест на Тоде Илиевски, во рамки на која ќе се одржи промоција на второто издание на книгата „Ќерката на поетот“ од Тоде Илиевски, во издание на „Креативна Верига“. Промоцијата ќе се одржи во НУ Библиотека „Григор Прличев“.

Централната свечена програма по повод јубилејот ќе започне во 11 часот пред Домот на културата во Лескоец.

На свеченоста е предвидено обраќање на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, по што ќе биде изведена музичко-сценската приказна „За слободата што ја наследивме и заветот што го оставаме“.

Во програмата ќе учествуваат хорот при ООУ „Ванчо Николески“, под менторство на проф. Тони Горгиевски, како и учениците од училиштето под менторство на професорите Емилија Блажеска, Елеонора Георгиеска и Ивана Крстаноска.

Дел од свечената програма ќе бидат и актерите Владо Дојчиноски, Перуника Киселички, Дубравка Киселички и Марија Спиркоска Илиеска.

Музичкиот дел ќе го збогатат Ѓоко Чеменкоски – вокал и гитара, Стефан Чеменкоски – кларинет, Бојан Маркоски – хармоника и Никола Илиоски – тарабука.

Одбележувањето ќе продолжи и во вечерните часови. Од 20 часот, во Културен центар „Култ“ – Охрид, ќе биде отворена изложбата на уметнички дела „Созерцанија“ од Томислав Танески.