Со свечен настан во Лескоец одбележани 85 години од Денот на народното востание

Во пресрет на 11 Октомври – Денот на народното востание, денеска во Културниот дом во село Лескоец се одржа свечениот настан „Од востание до независност – 85 години борба, 35 години независност“, во организација на Општина Охрид.
На настанот се обрати градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој истакна дека 11 Октомври е симбол на стремежот за слобода и достоинство, како и потсетник на жртвата на борците за слободна Македонија. Тој посочи дека Охрид и Дебрца имаат значајно место во народноослободителната борба, нагласувајќи дека многу борци и патриоти од овие краишта ги дале животите за идејата за слободна Македонија.

„Историјата не учи дека големите промени секогаш започнуваат со луѓе кои веруваат во подобро утре. Денес, таа одговорност е кај нас. Ние мораме да бидеме генерацијата која будно ќе го чува наследството што го добила и ќе остави нешто вредно за поколенијата што доаѓаат.
11 Октомври е наше потсетување дека слободата не е само право, туку и обврска, секојдневно да создаваме општество во кое се почитува човекот и во кое младите ќе ја гледаат својата перспектива.“ – рече во обраќањето Пецаков.

Свеченоста беше збогатена со театарско-сценски перформанс на актерите Владо Дојчиноски, Перуника Киселички, Дубравка Киселички и Марија Спиркоска Илиеска, во придружба на ученици од ООУ „Ванчо Николески“. Настапија и училишниот хор, како и музичките изведувачи Ѓоко Чеменкоски, Стефан Чеменкоски, Бојан Маркоски и Никола Илиоски.

Во рамки на програмата, утревечер од 20 часот во Културен центар „Култ“ – Охрид ќе биде отвоена изложбата на уметнички дела „Созерцанија“ од Томислав Танески. За 11 Октомври е предвидено и полагање свежо цвеќе пред спомен-обележјата на народното востание.










