Вевчани, туристичка дестинација во сите сезони

Расте бројот на туристи, во зеленото Вевчани нема туристичка сезона –гости има преку цела година. Подножјето на Јабланица, Вевчанските извори, традицијата, гастрономијата и препознатливиот дух на Вевчани и во есенските месеци го привлекуваат вниманието на туристите. Најживо е за време на викендите, а интересот се повеќе се насочува кон активниот и планинскиот туризам. Организираните еднодневни и викенд ексурзии со странски гости, кои уживаат во живописната природа на Јабланица и трaдиционалната храна.

„Секако, туристичката сезона реално во Вевчани никогаш не завршува. Секако најголема концентрација на туристи имаме во летниот период, кога и најголемите туристички центри во Македонија, Охрид и Струга, се полни со гости. Луѓето одлучуваат да дојдат и во Вевчани, да го посетат и Вевчани. Но, сепак во Вевчани туристичката сезона нема годишно време, нема рок на траење. Сите годишни времиња се убави, особено во викендите, кога, посебно кога е убаво времето, многу групни туристи, индивидуални туристи доаѓаат, посебно за гастрономско искуство, за прошетка во природа. Најпосетено место се секако Вевчанските извори, но сепак и културата и традицијата исто така се голем дел посетени од страна на туристите, домашни и странски.” -вели Александра, туризмолог.
Вевчани на туристите им нуди повеќе од еднодневна прошетка. Тука природата се надополнува со локалната култура и традиција, а гастрономијата е уште една причина гостите повторно да се вратат. Токму комбинацијата на автентичното и природното, велат туристичките работници, е она што го издвојува Вевчани.

Но, за оние кои бараат поактивен одмор, изборот е уште поголем. Планинарски патеки, велосипедизам, виа ферата и можност за престој во планинарскиот дом „Јанков камен” се дел од понудата на планинскиот туризам.
„На понудата е природа, култура, традиција, празници, самиот дух на Вевчани и Вевчанци, кои, така, село, населба, но сепак со граѓански шмек. Луѓето обожаваат да дојдат тука и да поминат еден, барем еден мирен ден исполнет со природа, традиција, убавина и секако највкусна храна. Во планинскиот туризам имаме патеки за пешачење, велосипедски патеки, виа ферата, исто така карпа на која се качуваат планинарите. Исто така имаме планинарски дом Јанков камен, кој што е на користење на наше планинарско-еколошко друштво, кој го издаваат, секако, на планинарите. И најголем дел од луѓето сакаат најмногу да пешачат. Исто така и велосипедизмот е доста интересен за туристите.”-посочува Александра.
Најмалата општина во земјава станува се поважна дестинација за активен туризам во Југозападниот регион. Во Вевчани има 20 манастири, излетнички места, летнички езера.
Од мирна прошетка до планинска авантура – Вевчани ја гради туристичката понуда за гости во текот на целата година.






