Skip to main content

Нов повик за прекугранични проекти со Албанија, од ИПА III-програмата, рокот за аплицирање е до 15 јануари

Европската комисија објави нов повик за финансирање заеднички проекти меѓу Македонија и Албанија, во рамки на ИПА III-програмата за прекугранична соработка. Заинтересираните организации можат да аплицираат до 15 јануари 2027 година, а на располагање се вкупно 3,43 милиони евра, информира Министерството за локална самоуправа.
 |  инфодеск  | 

Европската комисија го објави вториот повик за доставување предлог-проекти во рамките на ИПА III-програмата за прекугранична соработка Македонија – Албанија 2021 – 2027, со наслов „Програма за прекугранична соработка Северна Македонија – Албанија во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА III), алокации за 2024 година“, соопшти Министерството за локална самоуправа.

Целта е да се поттикнат организации од двете земји да развиваат и спроведуваат заеднички проекти за унапредување на прекуграничната соработка. Вкупната финансиска алокација на програмата изнесува 3,43 милиони евра.

Станува збор за ограничен повик, што значи дека во првата фаза заинтересираните апликанти треба да достават концепт-нота, согласно образецот за аплицирање за грант. Од Министерството ги повикуваат организациите навреме да ги подготват предлозите и да воспостават партнерства со организации од Албанија.

За потенцијалните апликанти ќе бидат организирани и информативни сесии, планирани приближно 15 дена по објавувањето на повикот.

Крајниот рок за доставување на концепт-нотите е 15 јануари 2027 година.

Целосната документација, условите и насоките за аплицирање се достапни на порталот за финансирање и тендери на Европската Унија.