Skip to main content

Вечерва со филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња” започнува втората сезона на „Кино Четврток”

Новата сезона на „Кино Четврток” започнува денес, 15 октомври, со проекција на филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња”. Проекциите ќе се одржуваат секој четврток до 3 декември, во Филмскиот институт ФИОФА – Охрид.
 |  инфодеск  | 

Културолошката иницијатива 5 до 12 ја започнува втората сезона на „Кино Четврток”, филмската иницијатива чија цел е да ја врати кино-културата во Охрид и да понуди редовна филмска програма за локалната публика.

Првата проекција е закажана за денес, 15 октомври, со почеток во 20:00 часот, а на програмата е филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња”, во времетраење од 83 минути.

Филмот ја следи приказната за Адела, која, соочена со сиромаштијата и притисокот на конзервативната средина, преку својата страст кон скејтбордингот се бори да ја спаси својата постара сестра од договорен брак. Приказната отвора прашања за слободата на избор, традицијата и правото секој да одлучува за сопствениот живот.

Октомвриската програма продолжува со филмот „Бал-Кан-Кан” на 22 октомври и „Руини” на 29 октомври. Новата сезона ќе трае до 3 декември 2026 година, со проекции секој четврток од 20:00 часот во Филмскиот институт ФИОФА – Охрид.

Влезниците чинат 200 денари и ќе се продаваат на влез.

„Кино Четврток” започна како одговор на недостигот од редовна кино-програма во Охрид. Преку создавање привремен кино-простор во соработка со ФИОФА, иницијативата има цел да ја поттикне публиката повторно да оди во кино и да ја покаже потребата од достапни филмски содржини во градот.

Иако ваквите иницијативи овозможуваат филмовите повторно да се гледаат на голем екран, долгорочната цел останува Охрид да добие функционално кино со редовна и разновидна програма, посочуваат организаторите.