Skip to main content

Охрид во август го посетиле над 96 илјади гости, остварени речиси 452 илјади ноќевања

Според ДЗС, во август годинава, во споредба со истиот месец минатата година, бројот на туристи на ниво на државата е зголемен за 8,1 процент, додека бројот на ноќевања бележи раст од 10,4 проценти.
 |  инфодеск  | 

Во текот на август годинава, Охрид го посетиле вкупно 96.260 гости, од кои 58.451 биле домашни, а 37.809 странски туристи, според податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС). Гостите во тој период оствариле 451.976. ноќевања во сместувачките капацитети на градот.

Во однос на структурата на странските туристи, најмногубројни биле гостите од Турција – 10.654, по кои следуваат туристите од Србија – 4.993, Холандија – 2.605, Германија – 2.122, Полска и тн.

Позитивни се и податоците за туризмот на ниво на државата. Во август годинава, Македонија ја посетиле 244.513 туристи, кои оствариле 934.042 ноќевања. Од вкупниот број туристи во август, 46,4 проценти биле домашни, а 53,6 проценти странски. Најмногу странски туристи дошле од Турција – 45.747, Србија – 13.166, Романија – 7.457 и Германија – 7.324.

Според ДЗС, во август годинава, во споредба со истиот месец минатата година, бројот на туристи на ниво на државата е зголемен за 8,1 процент, додека бројот на ноќевања бележи раст од 10,4 проценти.

Позитивен е трендот и за периодот јануари – август 2026 година. Во споредба со истиот период претходната година, вкупниот број туристи што ја посетиле земјава е зголемен за 3 проценти. Во истиот период, вкупниот број ноќевања е зголемен за 3,7 проценти.