Skip to main content

Охридското Езеро порибено со 100 илјади пастрмки, рибокрадството останува проблем

Охридското Езеро е порибено со нови 100 илјади единки охридска пастрмка, а во текот на август и септември во езерото биле внесени вкупно 6,5 тони подмладок. Паралелно со напорите за обновување на рибниот фонд, продолжува борбата против нелегалниот риболов.
 |  инфодеск  | 

Охридското Езеро порибено со нови  100 илјади единки охридска пастрмка, Засилено  се работи на обновување на рибниот фонд, но рибокрадството и натаму е горлив проблем.  Од почетокот на годинава, Државниот инспекторат за земјоделство спровел 231 инспекциски надзор на Охридското Езеро и издал 21 платен налог за утврдени прекршоци, од кои четири казни и за  концесионерите кои не ги почитуваат договорите.

–Резултатите во однос на досегашната обнова на популацијата на пастрмката се повеќе од задоволителни. Во август и септември сите риболовни зони на езерото беа порибени со 6,5 тони одгледан подмладок, што претставува 1,6 тони над првично планираните 4,9 тони,изјави Борче Серафимовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од Државниот инспекторат за земјоделство велат дека контролите се спроведуваат во соработка со рибочуварската служба и езерската гранична полиција. Но, за поефикасна борба против рибокрадството, потребни се и законски измени и построги прекршочни одредби.

-Мора да поработиме и на подобрување на законската регулатива, односно на измена на прекршочните одредби, со тоа што ќе создадеме подобри услови за заштита на езерото и за понатамошно постапување од наша страна, посочи Ивица Ангеловски, директор на Државен инспекторат за земјоделство.

За да се утврди каква е состојбата со рибниот фонд на ендемичните видови риби,  неопходни се  сериозни истражувања.

–Не може едноставно да се зборува за состојбата со рибниот фонд. Потребни се многу сериозни проценки. Долги години немавме мрест, како што сте запознаени, и не би можеле да зборуваме за бројки врз основа на последните две или три години, потенцира Орхидеја Тасеска, директорка на ЈНУ Хидробиолошки институт – Охрид.

Порибувањето е дел од долгорочниот процес за обновување на популацијата на охридската пастрмка, која последниве години е на работ на исчезнување.