Сè помалку домаќинства подготвуваат домашна зимница

Сè помалку домаќинства подготвуваат домашна зимница. Ако во минатото есента мирисаше на печени пиперки и топол ајвар, денес традицијата полека исчезнува. Динамичниот начин на живот, променетите навики и можноста готовите производи да се купат во маркетите го менуваат начинот на кој семејствата се подготвуваат за зимата. Пазарџиите во Охрид велат дека продажбата е значително намалена, а сè помалку млади купуваат зеленчук за домашна зимница.

За тоа како се одвива подготовката на зимницата и со какви предизвици се соочуваат производителите и купувачите, ги прашавме пазарџиите на охридскиот пазар.
„Прво е ајварот , па пиперките и туршијата.”
„Тешко е. Уште ние, постарите, правиме зимница. Инаку, сè се купува готово од маркетите – карфиол, ајвар и сè друго.
„Домашната пиперка е 100 денари, другата е 50, 40 денари. Ние си имаме наши пиперки и си правиме домашна зимница.”
„Ние си правиме, младите нека уживаат.”
„Слабо. Споредено со другите години, пазарот е слаб, не е како порано. Порано сè се трошеше. Сега пазарот е затворен, нема ни паркинг, ништо, па луѓето си одат во маркетите. Пазарот е нула.”
„Денеска многу е скап пазарот. Карфиолот е многу скап. Не паметам таква цена досега. Беше 230, 220, сега е 180 денари. Кој ќе купи? Никој.”

За разлика од порано, кога подготовката на зимницата беше дел од есенските семејни обврски, денес многумина бараат побрзи и поедноставни решенија. Наместо да купуваат поголеми количества зеленчук и да поминуваат часови во подготовка, сè почесто се одлучуваат за готови производи, а пазарџиите велат дека тешко можат да се натпреваруваат со маркетите.
Пазарџиите велат дека променетите навики на купувачите, повисоките цени и сè поголемата понуда на готови производи во маркетите значително влијаат врз продажбата на зеленчукот за зимница.
„Младите се научени на готово. Ќе си купат 200 или 300 грама, колку што им треба. Во маркетите ќе си ја паркираат колата, а овде паркирањето е проблем. Најголем проблем е паркингот.”
„Ние и произведуваме, ама на купувачите им е скапо. Ова бара многу работа и труд, нафта, бензин, вадење, плевење, чистење. Додека да се произведе, навистина многу труд се вложува. Ние сакаме да бидеме задоволни, а и муштериите да бидат задоволни.”
„Има готово, ама има разлика меѓу домашното и она од маркетите. И во цената. Јас, на пример, ајварот го давам 350 денари, а таму може да се најде и за 150, 200 или 240 денари. Ама не е тоа тоа.”
„Плус, маркетите нè уништија. Сè има таму. Ова е пазар, затоа се вика пазар, за да видиш, да се пазариш и да купиш домашно.”
„Мислам дека уште постарите купуваат, младите поретко. Добро е младите да купат некое кило пиперка , да си испечат дома и да јадат.”
Домашната зимница за постарите генерации е традиција што носи спомени за семејните собирања и дружењето покрај огнот. Иако готовите производи се сè подостапни, пазарџиите велат дека домашното има свој вкус што тешко може да се замени.




