Skip to main content

„Стари балкански фотографии“ во Охрид, сведоштва за животот oд пред повеќе од еден век

Фотографии што ја зачувале сликата на едно одамна минато време, на градови, архитектура, носии и обичаи што денес сè поретко можат да се видат. Изложбата „Стари балкански фотографии” е поставена во Охрид, каде што посетителите имаат можност преку архивски фотографии да се запознаат со секојдневието на луѓето од крајот на 19 и почетокот на 20 век.
 |  инфодеск  | 

Фотографиите го запираат  времето. На нив се зачувани некогашниот изглед на градовите и селата, облеката што ја носеле луѓето, нивниот помин, семејните моменти и обичаите што биле дел од секојдневието. Изложбата „Стари балкански фотографии” нуди поглед кон животот на Балканот пред повеќе од еден век, преку фотографии кои денес претставуваат значајни историски документи.

Поставката во Охрид е можност посетителите непосредно да се запознаат со едно поинакво време, но и да ја согледаат вредноста на фотографијата во зачувувањето на културното и историското наследство.

„Во оваа изложба се истакнати фотографии од неколку градови во Македонија, односно градовите што гравитираат околу Охрид, и тука може на еден сликовит начин да се видат сите тие обичаи, настани, носии, архитектура што биле специфични за тој период.”– изјави Никола Савиќ, раководител на Државен архив Охрид.

Фотографиите ја документираат архитектурата, старите занаети, селското стопанство, народните и градските носии, свадбените обичаи, народните собири и образованието. Преку овие теми се откриваат различни аспекти од животот на луѓето, но и промените што со текот на децениите го измениле изгледот на населените места.

„Да, за жал во овој период на забрзана градба, нормално таков е целиот тој период, луѓето треба, поготово младите генерации, сакаме да им покажиме, да им ги пренесиме овие фотографии на коишто е таа специфична архитектура, тие специфични настани, тие специфични носии, кои што биле специфични, нормално, за тоа време и на тој начин да ги заинтересираме малце да се подсетат на тие некои подзаборавени времиња.” – вели Савиќ.

Изложбата е составена од архивски фотографии од фондовите на Државниот архив, а нејзината цел е преку визуелни сведоштва да ги зачува спомените за животот на претходните генерации.

„Значи, во Скопје, како што реков, беше отворањето. После тоа беше однесена и во Бугарија и сега ние се заложивме да ја презентираме и на охридската јавност. Тука се со цел непосредно да бидат информирани, односно да ја согледаат таа архитектура, тие стилски обичаи, носии и така натаму.”– вели Савиќ.

Изложбата е поставена во изложбениот салон на Центарот за култура „Григор Прличев” и е достапна за посетителите до 27 октомври,