Јабланица со години чека да стане Национален парк

Долгогодишната иницијатива за прогласување на Јабланица за национален парк сè уште чека институционална разврска. По првата студија за валоризација во 2009 година и долгото задржување на постапката во институционалните процедури, изработена е нова студија во која се вреднувани природните вредности и актуелната состојба на планината.
Од Македонското еколошко друштво велат Јабланица има големо значење за зачувувањето на биолошката разновидност, поради присуството на ретки ендемични видови.
„Во моментот е направена нова студија за валоризација со новата состојба и природните вредности. Експертскиот тим, односно стручната фела, ја вреднува Јабланица како едно вредно место за заштита на биолошката разновидност, поради присуството на ретки ендемични видови и рефугијални живеалишта кои се среќаваат овде и претставуваат дом за голем број видови што токму на овој простор го нашле своето прибежиште.” – вели Деспина Китановa, Македонско еколошко друштво.
Еколозите сметаат дека заштитата особено е важна поради проблемите со кои се соочува планината, ќе се намалат нелегалните активности дрвокрадството, дивоградбите и криволовот.
„Националниот парк, генерално заштитеното подрачје, нуди таква можност, бидејќи тогаш просторот се уредува според неговите вредности. Сите активности што се случуваат во него треба да бидат вклопени, но и да се почитуваат законските основи поврзани со користењето на шумите, ловот, градбата и така натаму.”-посочува Китанова.
Албанската страна од планината Јабланица е национален парк уште од 2008 година, во земјава има иницијатива од 2007 година. Следниот чекор е релевантните институции да ги разгледаат стручните податоци и да дадат мислење за границите на заштитеното подрачје, зонирањето и мерките за управување.
Новинар Соња Рилковска
фотографија: Дарко Андоновски ИКС




