Наредна сабота ќе се одржи 6. хуманитарно-меморијален планинарски марш посветен на Трајан Целески-Тачо

Наредна сабота, 7 ноември, ќе се одржи шестиот хуманитарно-меморијален планинарски марш „Трајан Целески-Тачо“.
-После шест години од прераната смрт на нашиот брат Тачо, споменот за него не бледнее. Неговата ведрина и дух се се’ уште инспирација за многу од нас да се себенадминуваме, да помагаме. Традицијата нека се раѓа спонтано. Планинарски марш ќе има и оваа година. По тој повод во сабота, на 7 ноември, ве покануваме на шестиот меморијално-хуманитарен марш кој ќе започне во близина на неговиот дом, односно кај спортското игралиште кое неодамна во негова чест беше именувано во негово име, велат организаторите.
Инаку, како што информираат организаторите, патеката е умерена и е во должина од 10 километри во двата правци, а маршот ќе започне од населбата „Видобишта“, преку манастирот „Свети Никола“, Велгошти и назад. Водич на турата ќе биде Дејан Ангелоски, апсолутен шампион во планинско трчање кај нас и повеќекратен победник на меѓународни трки во скајранинг. Учесниците се замолуваат да понесат вода, храна како и топла облека. Малолетните лица треба да се во придружба на возрасни. Секој учесник учествува на сопствена одговорност. Доброволни прилози ќе може да се остават во хуманитарни кутии на ОО „Црвен Крст“ од Охрид. За повеќе информации сите заинтересирани можат да се обратат на броевите 078/668-353 и 078/355-291.



