Skip to main content

Со почетокот на грејната сезона, Охрид повторно се соочува со аерозагадување

Со почетокот на грејната сезона, аерозагадувањето повторно го става Охрид меѓу позагадените градови во земјава. Мерните станици во одредени периоди бележат и двојно повисоки концентрации на ПМ10 честичките од дозволените, особено во вечерните часови. Екологистите предупредуваат дека покрај греењето на дрва, сериозен проблем е и горењето на отпадот во Буково, а свој удел има и сообраќајот.
 |  инфодеск  | 
Охрид урбанистички предизвици

Со почетокот на грејната сезона, Охрид повторно високо котира на листата на загадени градови во земјава. Мерните станици бележат и двојно повисоки концентрации на штетните ПМ10 честички од дозволените, особено во вечерните часови.

Според екологистите, меѓу главните извори на загадување се греењето на домаќинствата со огревно дрво и горењето на отпадот.

„Ситуацијата е слична како во цела Македонија, но ако разговараме за Охрид, навистина треба нешто да се преземе.Формирањето модерна регионална депонија ќе го реши проблемот со горењето на ѓубрето во Буково, на стрелиштето Мауцкер, што постојано се случува, дури и за време на летната сезона, што за мене е неразбирливо и неоправдано.”-вели Славчо Христовски, претседател на Македонското еколошко друштво.

Дел од граѓаните се греат на струја, но голем дел и  на дрва,  велат  во вечерните часови се чувствува непријатен мирис на чад.

-На струја се грееме. Претходно се греев на дрва, ама ми беше многу тешко. Како што доаѓаат годините, мораме некако малку да си олесниме. Последните години многу се чувствуваше загадувањето, особено навечер.

-На клима. Па, не е исплатливо, ама моментално имаме и шпорет на дрва. Меѓутоа, тешко ми е, зашто сум сама. Да, се чувствува загадувањето, ама мислам дека не е од дрвата, туку дека е нешто друго. Најмногу е ѓубрето. Ѓубрето секаде го фрлаат нашите граѓани. Толку се несовесни, нечувствителни, стварно немам зборови да кажам.

-Чувствуваме. Кога ќе отвориш прозорец, веднаш доаѓа мирис на чад. А, не е само греењето на дрва туку и отпадот ѓубрето се фрла насекаде.

„Греењето на домаќинствата со огревно дрво е повеќе економски, социјален и традиционален проблем. Секако, постојат начини како тоа да се намали, да се амортизира тој тип загадување, со воведување модерни системи за греење и со користење дрво кое е соодветно подготвено, односно суво.”– вели Христовски.

Горењето на депонијата  Буково , заедно со сообраќајот и греењето на дрва, остануваат главни предизвици во борбата против загадениот воздух  во Охрид.