Skip to main content

МИНИСТЕРСТВО ЗА ДИГИТАЛМА ТРАНСОФРМАЦИЈА

Од утре достапна апликацијата м.услуги, на телефон пристап до електронски услуги и дигитални документи

Од утре личната карта и возачката дозвола на мобилен телефон
 |  инфодеск  | 

Министерството за дигитална трансформација денеска официјално ја промовираше мобилната апликација м.Услуги (m.Uslugi), преку која граѓаните добиваат мобилен пристап до електронски јавни услуги и лични документи. Апликацијата беше претставена во Македонската филхармонија во Скопје, во присуство на претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, амбасадорот на Европската Унија Михалис Рокас, претставници на институциите, дипломатскиот кор, деловната и академската заедница.

Во почетната верзија граѓаните можат да пристапат до електронска верзија на личната карта и возачката дозвола, како и до три електронски услуги. Апликацијата е бесплатна, користењето е доброволно, а пристапот е поврзан со електронскиот идентитет и Националниот портал за е-Услуги. м.Услуги веќе може да се преземе преку Google Play и App Store.

Министерот Андоновски изјави дека институциите што веќе имаат објавено услуги на националниот портал се потенцијално подготвени тие да бидат достапни и преку мобилната апликација. Сепак, за услугите што не се поврзани со соодветни внатрешни системи ќе биде потребно повеќе време. Тој додаде дека, доколку граѓаните наидат на грешки при користењето на апликацијата, можат да постават прашање преку модулот во самата апликација или да се обратат до контакт-центарот на порталот „uslugi.gov.mk“. Тој додаде и дека апликацијата не е совршена и дека ќе се работи на нејзино подобрување.

Андоновски во живо го прикажа процесот на додавање на документот во апликацијата и посочи дека не станува збор за фотографија или PDF-копија од физичката лична карта, туку за електронска верзија на документот поврзана со податоците во системот.

-Благодарност до целиот тим на Министерството за дигитална трансформација, партнерите и институциите што работеа на проектот. Посебна благодарност до Министерството за внатрешни работи и министерот Панче Тошковски за соработката која овозможи првите електронски документи да станат дел од m.Uslugi, како и до Европската Унија за поддршката преку програмата Digital Europe, изјави министерот.

-Ова е почеток на нов пристап во работата на јавната администрација, во кој времето на граѓаните се почитува, а институциите преземаат поголема одговорност за ефикасно и транспарентно функционирање. Нашата цел е сè повеќе услуги да бидат достапни дигитално, без непотребно губење време и повторно доставување документи што државата веќе ги поседува. Дигиталната трансформација е важен дел од реформите што ги спроведуваме и од нашата заложба за европски стандарди. Успехот ќе го мериме според конкретните резултати: колку време ќе заштедат граѓаните, колку постапки ќе се поедностават и колку услуги ќе можат да ги завршат брзо, едноставно и сигурно, изјави премиерот Мицкоски.