Skip to main content

Левица бара одговори од инспекциските служби за ѕидот кај Ајван плажа

Од Левица најавуваат дека одговорот од инспекциските служби ќе го објават веднаш штом ќе го добијат, нагласувајќи дека граѓаните заслужуваат да знаат како постапиле инспекциските служби, што било констатирано и дали одговорните ќе бидат санкционирани.
 |  инфодеск  | 

Од Левица – Локален огранок Охрид информираат дека на последната седница на Советот на Општина Охрид, советничката Виолета Аврамоска побарала одговор од општинскиот инспекторат за тоа што е констатирано при инспекцискиот надзор на спорниот потпорен ѕид кај т.н. Ајван плажа.

Од партијата посочуваат дека Аврамоска побарала да се утврди кој го изградил ѕидот, дали е отстранет и дали сторителот ќе биде санкциониран. Бидејќи на седницата немало присутен претставник од инспекторатот, таа побарала одговорите да ги добие писмено.

„Револтот на граѓаните дополнително расте поради фактот што овој дел од брегот со години беше слободна и достапна природна зона. Додека институциите формално се обврзуваат на отстранување на дивоградбите и заштита на екосистемот, како и на почитување на препораките на УНЕСКО за зачувување на Охридскиот Регион, на терен никнуваат нови ѕидови и се посега по природното крајбрежје. Плажите во Охрид не се ничија приватна сопственост, туку државно земјиште што им припаѓа на сите граѓани.“ – велат од партискиот огранок во дописот до медиумите.

Од Левица најавуваат дека одговорот од инспекциските служби ќе го објават веднаш штом ќе го добијат, нагласувајќи дека граѓаните заслужуваат да знаат како постапиле инспекциските служби, што било констатирано и дали одговорните ќе бидат санкционирани.