Охридскиот регион се соочува со сериозни еколошки предизвици, експертите предупредуваат на ризик од деградација

Неконтролираната урбанизација, несоодветното управување со отпадот, загадувањето на водените ресурси, уништувањето на шумите и трската остануваат само дел од еколошките предизвици со кои се соочува Охридксиот регион.
Експертите велат регионот е пред сериозен ризик од деградација, што директно го загрозува и статусот на заштитено светско природно и културно наследство под УНЕСКО.
Еден од клучните проблеми е и застарената правна рамка за заштита на Охридското Езеро, која не ги следи потребите.
„Охридското Езеро моментално е заглавено во правен вакуум. Се зборува за негова заштита, практично езерото е заштитено од 1977 година, меѓутоа она што го гледаме е недостаток на обновување на таа заштита, која одамна е дотраена. Се случуваат различни процеси, првенствено на крајбрежјето, особено во северниот дел, каде што се уништуваат појасите со трска. Тоа навидум изгледа како празен простор, меѓутоа, всушност, има многу важна еколошка улога во зачувувањето на охридскиот екосистем.”-вели Методија Велевски, Македонско еколошко друштво.
Заштитата на езерото и крајбрежјето е само еден дел од пошироките проблеми. Управувањето со комуналниот отпад останува сериозен предизвик за Охрид и Струга.
„За жал, се согласувам, Охрид е најпривлечно туристичко место во Македонија, најатрактивно е и оттука произлегуваат редица проблеми. Не дека тие проблеми не се својствени и за други градови во Македонија, меѓутоа овдека луѓето ги гледаат, охриѓани, се разбира, со тие проблеми живеат.”- вели Славчо Христовски, претседател на Македонското еколошко друштво.
Проблемот со отпадот има последици и врз квалитетот на воздухот. Меѓу причините за загадувањето се согорувањето на отпадот, греењето на домаќинствата со огревно дрво и сообраќајот.
„Ви реков, формирањето на една модерна регионална депонија ќе го реши проблемот со горењето на ѓубре во Буково, на она стрелиштето Мауцкер, што постојано се случува, дури и за време на летната сезона, што за мене е неразбирливо и неоправдано.”- додава Христовски.
„Недоволно приоритизирање, неплаќање на вистинската цена што ја заслужува природата. Практично, ние, како и секаде во светот, природата ја цениме дури откако ќе ја уништиме, а не додека е жива. Не ги вреднуваме екосистемските услуги што таа ни ги пружа. Секако, зборуваме и за корупција, но и за намерни процеси што фаворизираат негативни ефекти врз животната средина, односно врз природата.”– вели Методија Велевски, Македонско еколошко друштво.
Зачувувањето на природните вредности на охридско-струшкиот регион бара конкретни институционални мерки, доследно спроведување на законите и поголема вклученост на граѓаните.
фото: Ѓоко Симјаноски




