Охридската Библиотека со уште три настани во рамките на „Месецот на книгата“

Во рамките на програмата за одбележување на „Месецот на книгата“, НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид најавува уште три културни настани, кои ќе се одржат од 2 до 4 ноември, а ќе бидат посветени на креативното творештво, литературата за деца и македонското музичко-фолклорно наследство.
Во понеделник, 2 ноември, во просториите на Библиотеката ќе започне реализацијата на проектот „Креативна работилница – нов живот за старите книги“, во кој ќе учествуваат ученици од ООУ „Кочо Рацин“ од Охрид, а ќе биде прикажана уникатната уметничка техника оригами. Во реализацијата на проектот се вклучени м-р Ани Глигорова-Милева и м-р Гонца Запрова-Анастасова од библиотеката „Благој Јанков Мучето“ од Струмица.
Во вторник, 3 ноември со почеток во 12 часот, ќе се одржи промоцијата на книгата „Бајкоград“ од роднокрајната авторка Ана Цветаноска. Модератор на настанот и промотор на „Бајкоград“ ќе биде м-р Милчо Јованоски, додека актерката Христина Цветаноска и Томе Станковски ќе читаат извадоци од бајките.
Од Библиотеката посочуваат дека промоцијата е отворена за сите љубители на книгата. Во вториот дел од настанот, ученици од четврто одделение од ООУ „Св. Климент Охридски“ ќе имаат можност да ја разбудат својата фантазија и да цртаат мотиви инспирирани од бајките.
Во среда, 4 ноември, со почеток во 12 часот, во Прличевата одаја ќе се одржи промоцијата на книгата „Авторски ора од Гоце Џуклески“ (збирка нотни записи). Книгата содржи 76 ора и е поделена на два дела: „Македонски ора“ и „Балкански ора“. На промоцијата, во присуство на авторот д-р Гоце Џуклески, преку видеозаписи и нарација ќе бидат презентирани рецензиите на познатите музиколози и музички виртуози Кирил Тодевски, Марко Коловски, Влада Веселиновиќ, Владимир Минчев и Дарко Илиевски. Модератор на промоцијата ќе биде м-р Милчо Јованоски, виш библиотекар во НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид.




