Skip to main content

Семејно насилство, тепачки, поседување марихуана, точење алкохол на малолетници во полицискиот билтен

Полицијата регистрирала повеќе инциденти во Охрид и Струга, меѓу кои семејно насилство, физички напад, поседување марихуана и агресивно однесување кон полициски службеници.
 |  инфодеск  | 
Policija ugostitelski objekti

Пет лица биле приведени во одделни случаи на подрачјето на Охрид и Струга, при што полицијата регистрирала нарушувања на јавниот ред и мир, поседување предмети со остатоци од марихуана, семејно насилство и послужување малолетници со алкохол.

На 31 октомври, околу 22:35 часот, во угостителски објект во Охрид, полициските службеници затекнале малолетни лица на кои им биле послужени алкохолни пијалаци. При контролата, 46-годишен охриѓанец се однесувал агресивно кон полициските службеници, по што бил приведен. По целосно документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни пријави против него и правниот субјект.

На 1 ноември, во 03:08 часот, на паркинг-простор во Охрид, бил приведен 28-годишен жител на охридско село, кој најпрво со викање, а потоа и со агресивно однесување кон полициските службеници кои извршувале службени дејствија, го нарушил јавниот ред и мир. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Истиот ден, во 02:40 часот, на улицата „Партизанска“ во Охрид, бил приведен 18-годишен жител на струшко село. При извршен преглед кај него биле пронајдени и одземени предмети со остатоци од марихуана. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 31 октомври, во 19:30 часот, во СВР Охрид бил приведен 50-годишен жител на Радовиш, по претходна пријава дека во дом во Охрид, каде што привремено престојувал, физички ја нападнал својата сопруга. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во полициското одделение во струшкото село Велешта, на 30 октомври, во 10:40 часот, било пријавено нарушување на јавниот ред и мир со физички напад во авто-плац во селото. Според пријавата, 76-годишен жител на Охрид бил физички нападнат од лице од Велешта. По целосно документирање на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава.