Skip to main content

Квадратот во Охрид над 3.000 евра, побарувачката на станови и натаму расте

Цените на недвижностите во Охрид достигнуваат и над 3.000 евра за квадратен метар, а интересот за купување не стивнува. Најголема побарувачка има за помали станови, а купувачите сè почесто го гледаат Охрид како место за одмор, но и како можност за инвестиција.
 |  инфодеск  | 

Пазарот на недвижности во Охрид бележи континуиран раст на побарувачката, а цените остануваат на високо ниво. Квадратен метар станбен простор во новоградба достигнува цена и до 2.500 евра, додека во апарт-хотелските комплекси на најатрактивните локации цената надминува и 3.000 евра.

Охрид и натаму е атрактивна дестинација за купување втор дом, но и за инвестирање во недвижности со цел туристичко издавање.

„Најбарани се топ-локациите, односно централното градско подрачје, строгиот центар на Охрид, како и локациите на брегот на Охридското Езеро. Но, поради високите цени, сепак, најголем дел од купувачите се одлучуваат за поширокото централно подрачје, во радиус од еден километар од строгиот центар на градот, бидејќи тука добиваат најповолна цена во однос на изборот на локација, атрактивноста и вредноста.“ – вели Наташа Спасеска, агент за недвижности.

Меѓу купувачите доминираат граѓани од другите градови во земјава и припадници на македонската дијаспора, додека странските државјани учествуваат со околу 10 проценти во вкупната продажба. Најголем интерес има за помали станови, со површина од околу 40 квадратни метри.

„Најчесто како купувачи се јавуваат граѓани од останатите делови на Македонија, кои претежно го избираат Охрид како дом за одмор или инвестираат во недвижности за туристичко издавање. Понатаму, втората категорија се нашите иселеници од дијаспората. Сепак, јас би ја потенцирала третата категорија како најзначајна, а тоа се странците.“ – посочува Спасеска.

Според проценките на агентите за недвижности, во наредниот период се очекува продолжување на позитивните пазарни трендови, со натамошен раст на побарувачката и благ пораст на цените.

Новинар: Соња Рилковска