Skip to main content

Недоволно водоснабдување на Струга поради издашноста на изворите, надлежните најавуваат подобрување

Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека заедно со надлежните институции и експерти се работи на изнаоѓање трајно решение за проблемите со водоснабдувањето во Општина Струга.
 |  инфодеск  | 

Состојбата со изворите од кои се снабдува Струга постепено се подобрува, а во наредниот период се очекува значително зголемување на дотокот на вода, информираат од ЈП „Водовод и канализација“ – Струга, по реакциите на граѓаните поради нередовното и недоволно водоснабдување во изминатиот период.

Од претпријатието објаснуваат дека главната причина за проблемите е лошата хидролошка состојба во подолг временски период, поради што драстично била намалена издашноста на изворите од кои се снабдува градот и околните населени места. Нагласуваат дека, со исклучок на дефектот од 28 октомври, предизвикан од трета страна и кoj во меѓувреме е саниран, рестрикциите биле последица на недостигот на вода на изворите, а не на дефекти во водоводната мрежа.

Од ЈП „Водовод и канализација“ посочуваат дека и во изминатиот период работеле на отстранување на бројни дефекти, дел од нив со години нерешени, со цел намалување на загубите на вода и подобрување на водоснабдувањето.

Воедно, претпријатието информира дека заедно со надлежните институции и експерти работи на изнаоѓање трајно решение за проблемите со водоснабдувањето во Општина Струга. Конкретните предлози наскоро ќе бидат доставени до надлежните органи и институции.

Од претпријатието ги повикуваат граѓаните на разбирање и уверуваат дека се преземаат активности за надминување на проблемот.