Грижата за себе не е луксуз, туку потреба – форум „Жена со моќ” во Охрид

Здравјето и благосостојбата на жената не подразбираат само отсуство на болест, туку и секојдневна грижа за сопствениот организам, психофизичката состојба, изгледот и личниот развој. Токму ова беше главната порака на денешниот форум „Жена со моќ“, на кој преку стручни предавања и практични совети се отворија повеќе аспекти на женското здравје и квалитетот на живот.
Една од основните теми беше здравиот животен стил, со акцент на правилната исхрана, физичката активност и хидратацијата. Особено беше нагласено значењето на балансираниот внес на макронутриенти и микронутриенти, како и создавањето одржливи здрави навики.

Проф. д-р Ангела Крстаноска посочи дека за одржување на здравјето и благосостојбата е неопходен правилен пристап кон исхраната, внесувањето вода и редовната физичка активност.
„Правилниот внес на макронутриенти и микронутриенти, соодветната хидратација, односно внесувањето вода, како и редовната физичка активност, се особено важни за одржување на здравјето и благосостојбата“, истакна Крстаноска.
Но, грижата за женското здравје подразбира и навремена превенција од малигни заболувања, редовни гинеколошки контроли и следење на промените во организмот. Во услови кога се бележи пораст на малигните заболувања, раното откривање останува еден од најважните фактори за успешно лекување.
За значењето на превентивните прегледи, скринингот и можностите за рано откривање и третман во Охрид говореше д-р Горан Марковски, специјалист по гинекологија и акушерство и директор на Општата болница во Охрид.

„За жал, морам да потенцирам дека се бележи пораст на малигните заболувања во нашиот регион и во нашата земја. Меѓутоа, тоа е глобален проблем, присутен на светско ниво. Со зголемувањето на свесноста и превентивните прегледи, и покрај зголемениот тренд на нови заболувања кај женската популација, третманот, прогнозата и исходот се во позитивна насока. Раното откривање води до излекување од овие болести“, истакна Марковски.
Во Општата болница во Охрид од минатата година активно се спроведуваат скрининг-прегледи за рано откривање на карцином на дојка, со мамографија како една од клучните дијагностички методи. Марковски посочи и на зголемениот број ПАП-тестови, кои се значајни за рано откривање на промените на грлото на матката. Во болницата се изведуваат и оперативни зафати кај пациентки со малигни заболувања, во зависност од стадиумот во кој е откриена болеста.
Покрај здравствениот аспект, форумот ја отвори и темата за негата, интимната хигиена и самодовербата, особено значајни за жените кои се соочуваат со здравствени предизвици. Пораката е дека грижата за изгледот и личното чувство на благосостојба не се површни потреби, туку дел од психолошкото закрепнување и квалитетот на живот.
Сузана Наумоска од Советот за женско претприемништво при Општина Охрид нагласи дека целта на ваквите активности е поддршката на жената да биде сеопфатна – од здравјето и самодовербата до економската независност и еднаквите можности.

„Преку овие работилници сакаме да ја подигнеме свеста кај жените, да им помогнеме не само да го сочуваат своето здравје и убавина, туку и да бидат еднакви на пазарот на трудот, во претприемништвото и во сите сфери на општественото живеење. Животот е една тешка авантура која треба да се преброди, и од финансиски и од здравствен аспект. Ние навистина сакаме да помогнеме“, истакна Наумоска
Посебен акцент во работата на Советот е ставен на жените од руралните средини, кои често покрај грижата за семејството и домот имаат и потенцијал за сопствена економска активност, но им недостигаат поддршка, менторство и можности за пласман на производите.
„Зошто да бидат во заднина? Нема потреба да се плашат. Сè што треба, ќе направиме за да им помогнеме да регистрираат и да започнат мал бизнис, каде и да се наоѓаат во руралната средина. Можат да изработуваат рачни производи од дрво, камен, отпадни материјали, храна или што било друго. Не постои труд што не може да биде вреднуван“, порача Наумоска.
Форумот „Жена со моќ“, организиран од Општина Охрид и Советот на женско претприемништво при Општината, испрати порака дека грижата за жената треба да биде континуирана и да ги опфаќа сите аспекти на нејзиниот живот – здравјето, самодовербата, личниот развој и економската сигурност.








