Skip to main content

Гран-при за „Сестра, брат и шахта“ на Милчо Манчевски во Токио

„Сестра, брат и шахта“ е црна комедија и сатира за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството. Филмот е снимен со меѓународна екипа на локации во Скопје и околината, а во главните улоги настапуваат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов и Дејан Лилиќ.
 |  инфодеск  | 

Најновиот филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, ја освои главната награда „Токио Гран при“ на Меѓународниот филмски фестивал во Токио, кој се вбројува меѓу фестивалите од А-категорија. Ова е прва победа на македонски филм на фестивал од А-категорија по успехот на „Пред дождот“, кој во 1994 година ја освои „Златната лавица“ во Венеција, исто така во режија на Манчевски.

Жирито, предводено од австралискиот режисер Ролф де Хер, ја додели наградата за беспрекорното спојување на хуморот, трагедијата и драмата, како и за човечноста и сочувството кон ликовите.

„Многу ми е мило што светот ја сака нашата шахта. Благодарност до феноменалната екипа, глумците, финансиерите и спонзорите за довербата во еден чуден филм. Ете пример дека истрајноста и правдата победуваат. Напред, шахта!“, изјави Манчевски по доделувањето на наградата.

На свеченото затворање наградата ја подигнаа главните актери Сара Климоска и Филип Трајковиќ, заедно со продуцентот Јане Ќортошев. Годинава на фестивалот пристигнале 1.892 филмови од 112 земји и региони, а во официјалната натпреварувачка програма биле избрани само 15 филмови.

„Сестра, брат и шахта“ е црна комедија и сатира за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството. Филмот е снимен со меѓународна екипа на локации во Скопје и околината, а во главните улоги настапуваат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов и Дејан Лилиќ.

Станува збор за деветтиот долгометражен игран филм на Манчевски, кој во 2026 година го реализираше и документарниот филм „Добри луѓе“, посветен на трагедијата во Кочани.