Skip to main content

Од понеделник нови правила за банкарските плаќања

Целта на новите правила е стандардизација на платежните податоци, попрецизно означување на трансакциите и поефикасна обработка на плаќањата во домашниот банкарски систем.
 |  инфодеск  | 
Пари

Од понеделник, 9 ноември, започнува примената на нови стандарди во домашниот платен промет, со кои денарските платежни сметки ќе се означуваат во меѓународниот ИБАН-формат, ќе се воведат нови платни налози и ќе се променат шифрите за целта на плаќањето. Промените ги опфаќаат и граѓаните и компаниите, но не подразбираат отворање нови банкарски сметки.

Според Македонската банкарска асоцијација, станува збор за модернизација на националниот платен промет, која произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи и подзаконските акти на Народната банка. Целта е податоците за плаќањата да бидат поусогласени и подобро структурирани, што треба да овозможи поефикасна обработка на трансакциите.

Една од најважните новини е воведувањето на ИБАН-форматот за денарските платежни сметки. Постојниот број на сметката останува непроменет, но пред него ќе се додава ознаката МК07, со што сметката ќе се прикажува во стандардизиран меѓународен формат. Тоа не значи дека се отвора друга сметка или дека средствата се префрлаат на нова. Се менува нејзиното означување за потребите на платниот промет, додека постојниот број останува ист.

Платните налози (уплатниците) ќе бидат променети со нови стандардизирани црно-бели обрасци во хартиена и електронска форма, со текстуални (описни) кратенки според видот на плаќањето. Па така:

1. Образецот ПП 10 за внесување готовина сега ќе стане образец ВГ

2. Образецот ПП 40 за повлекување готовина , сега ќе стане  образец ПГ

3. Популарниот ПП 30 за кредитен трансфер во денари, сега ќе биде образец КТД

4. Образецот ПП 50 , за даноци, такси, фирми, ќе биде заменет со образец КТД за кредитен трансфер во денари

5. Образецот ПП 53 популарно за УЈП и исплата на плати на повеќе вработени, ќе биде заменет со образец ЗКТ што значи збирен платен налог .

Покрај новите обрасци, се менуваат и ознаките што ја определуваат целта на плаќањето. Наместо досегашните нумерички шифри, ќе се користат нови четиризнаковни алфанумерички ознаки, усогласени со стандардот ISO 20022.

1. SALA –  Ќе се користи за исплата на плата

2. ELEC – За сметки за електрична енергија

3. RENT – За да се уплати наемнина /ќирија

За деловните субјекти што користат сопствени софтверски решенија, промените можат да бараат дополнителна подготовка. Компаниите што генерираат платни налози преку ERP-системи, сметководствени програми или автоматизирани решенија треба да проверат дали нивниот софтвер ги поддржува новите шифри и формати. Особено внимание треба да се посвети на претходно зачуваните шаблони за плаќање, автоматизираните налози и интеграциите со банкарските системи. Навременото ажурирање на софтверот може да помогне да се избегнат технички проблеми при извршувањето на плаќањата по започнувањето на примената на новите стандарди.

За најголемиот дел од физичките лица, новините нема да значат суштинска промена во секојдневното користење на банкарските услуги. Постојните платежни сметки продолжуваат да важат, а приспособувањето на електронското и мобилното банкарство ќе го спроведуваат банките.

Целта на новите правила е стандардизација на платежните податоци, попрецизно означување на трансакциите и поефикасна обработка на плаќањата во домашниот банкарски систем.