„Водениот рај на Европа” – документарен филм за скриените светови на Охридското Езеро

Охридското Езеро, неговото уникатно природно богатство, научните истражувања и луѓето кои со децении живеат во нераскинлива врска со него, се во фокусот на новиот документарен филм „Водениот рај на Европа”. Станува збор за германска продукција на телевизијата Арте, дел од серијал посветен на највпечатливите и најинтересните водени предели на европскиот континент. Во реализацијата на филмот учествуваше и охридскиот режисер Илија Пиперкоски, во улога на извршен продуцент при снимањето во Охрид.
„Се работи за серијал посветен на водениот рај на Европа, во продукција и реализација на германската телевизија Арте. Интересно е што се избираат највпечатливите, најинтересните и најегзотичните водени места низ Европа. Особена чест и задоволство е да се работи филм за Охридското Езеро, да ги покажеме и прикажеме невидливите светови што нам не ни се познати, а кои имаат научно-истражувачки карактер и можат да ни објаснат како и зошто имаме таков континуитет на специфичен живот, на флора и фауна, токму во Охридското Езеро.” – вели Илија Пиперкоски, режисер и извршен продуцент.
Филмот не се задржува само на природните убавини и богатството на езерото. Преку научници, истражувачи и жители на охридскиот регион, ја раскажува приказната за вековниот соживот на човекот и езерото, за нивната поврзаност и за значењето што Охридското Езеро го има во секојдневниот живот на луѓето.

„Филмот обединува повеќе сегменти. Покрај научно-истражувачкиот дел, во кој научници истражуваат и ги прикажуваат своите откритија, ги имаме и луѓето кои создаваат, кои се инспирирани од езерото и кои живеат со него. Во филмот учествуваат пред сè Охриѓани кои целиот свој живот и активен живот го посветиле на самото езеро. Тоа е интересната приказна, како луѓето денес го гледаат, го доживуваат и го разбираат езерото и целиот тој соживот.”– вели Пиперкоски.
Режисерка на филмот е Корнелија Фолк, документаристка со голем број наградувани филмски остварувања. Филмот, посветен на Охридското Езеро трае околу еден час, создаден како длабока документарна приказна.
„Се надевам дека оваа приказна ќе биде инспиративна и за образовно-педагошкиот процес во училиштата. Се надевам дека ќе биде дуплирана и на македонски јазик, бидејќи друго е кога ќе слушнеш и видиш, а друго е само да можеш да читаш.” – посочува Пиперкоски.
Филмот засега е на германски јазик, а по фестивалските прикажувања идната година во јуни , се очекува можност за негова премиера и пред охридската публика.








