Промовирана „Шепотот на езерото“, втора стихозбирка на младата поетеса Стефанија Бакулеска

Oд љубовта кон пишаниот збор, кон родниот Охрид и убавината на мирното Пештани, од нескротливата потреба чувствата да се преточат во стихови се роди „Шепотот на езерото“ втората стихозбирка на младата поетеса Стефанија Бакулеска. Збирката беше промовирана во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во предвечерието на Денот на ослободувањето на Охрид, како дел од општинската програма за одбележување на празникот.

Новата книга е посветена на убавините на Охрид, Охридското Езеро и нејзиното родно Пештани, места кои уште од најраното детство се нејзина најголема инспирација.
„Збирката ја пишувам веќе неколку години, песните се пишувани веќе неколку години и темата во песните најмногу се заснова за Охрид, за Охридското Езеро и за моето родно село Пештани. Песните најмногу се застапени за Охрид, за убавините на Охрид, за Езерото кое најмногу ми инспирира да пишувам и кое тоа ме поттикнувало од мала да ги напишам моите први стихови. Моите први стихови, баш први, беа напишани на моја осумгодишна возраст и беа токму за Свети Климент Охридски и за убавиот Охрид. Тогаш никој не веруваше дека јас го пишувам тоа, бидејќи за дете од осум години беше малку чудно. Но потоа дојде некако спонтано, јас се што мислам да запишувам на лист хартија и да претворам во стихови.“ – вели Стефанија.

Поезијата за Стефанија е многу повеќе од литературно изразување. Таа е нејзин личен внатрешен простор во кој ги обликува емоциите во мисли и само така ги споделува со надворешниот свет. Нејзината поетска приказна започнува уште на осумгодишна возраст, а во декември 2023 година, кога имаше само 12 години, ја објави својата прва стихозбирка „Мојот свет“.
„Јас сум генерално затворена и генерално не ги изкажувам моите емоции, па тоа изкажување можно е единствено преку стихови. Она што јас се изкажувам и она што јас мислам единствено може да се изкаже преку стихови. Многу од мојата генерација барем и од генерациите година две помали, поголеми, се плашат да го пробаат да пишуваат. Се плашат, јас гледам од на пример моите соученици. Се плашат да пробаат да се изразат написмено. Зошто да се плашиме? Да пробаме сите она што можеме. Можеби тоа е некој како што кажуваме скриен талент.“ – порачува младата поетеса.

Освен што создава, Стефанија со години негува и искрена љубов кон книгата и читањето. Таа е дете на охридската библиотека, место каде што го градела својот однос кон литературата. Уште пред да седне во училишна клупа почнала самостојно да чита, а денес меѓу нејзините омилени автори се големите македонски поети Кочо Рацин и Блаже Конески.
Во 2025 година, како ученичка во ООУ „Св. Наум Охридски“ од Пештани, учествуваше на Регионалниот натпревар „Млади библиотекари“, каде го освои првото место и го претставуваше Охрид на републичкиот натпревар. Токму сопственото искуство ѝ дава дополнителен мотив да им порача на врсниците дека книгата и читањето се најдобриот пат до нови светови.
„Значи пред да почнам прво одделение јас почнав да читам самостојно пред да почнам прво. Од секогаш сум ги сакала сликовниците, потоа лектирите па сега почнав да читам некои класици веќе литература за повозрасни. На моите генерации на поглемите и помалите, би им препорачала да читаат бидејќи секоја прочитана книга е откривање на нов свет барем за мене, тоа е така. И дури сега кога почнав средно образование, бидејќи сум прва година, видов колку многу ми помогна тоа што јас од мала почнав да читам и вокабулар и речник и пишување и се што она правиме во наставните активности и воннаставните, а најмногу во пишувањето.“ – вели Стефанија.
Резултатите од нејзината посветеност веќе се препознаени и надвор од локалните рамки. Меѓу бројните признанија се издвојуваат првата награда на „Охридски поетски бисер“ во 2025 година, првото место на меѓународниот фестивал во Букурешт истата година, како и низа други награди во земјата и странство. Двапати ја претставуваше Македонија на Балканскиот поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“. Од првенец на генерацијата во ООУ „Св. Наум Охридски“ до млада поетеса со две објавени стихозбирки и бројни признанија, Стефанија Бакулеска покажува дека талентот, љубовта кон пишаниот збор и посветеноста не познаваат возрасни граници.











