Повторно диви депонии во Даљан, подигнати 36 кубни метри кабаст и зелен отпад

Три нови диви мини-депонии се регистрирани на критични точки во охридската населба Даљан, информираат од Ј.П. „Охридски Комуналец“.
Според информациите од претпријатието, несовесни граѓани повторно одложувале стара и непотребна покуќнина, кабаст и друг несоодветен отпад на јавни површини, со што се нарушува хигиената, се загрозува животната средина и се узурпира просторот што им припаѓа на сите граѓани.
Екипите на „Охридски Комуналец“ интервенирале на локациите, при што биле подигнати вкупно 36 кубни метри кабаст и зелен отпад.

Од претпријатието апелираат до граѓаните за поголема одговорност и совесно однесување, потсетувајќи дека зачувувањето на чистотата и уредувањето на јавните површини се заедничка обврска.
Грижата за животната средина започнува од секој поединец, а јавните површини се заедничко добро кое треба да го чуваме сите.









