Исчистени диви депонии во Лагадин и кај Елшани

Екипите на ЈП „Охридски Комуналец“ расчистија две нови диви депонии во населбата Лагадин и во околината на селото Елшани, од каде беа подигнати вкупно 16 кубни метри кабаст и зелен отпад.
-Оперативните служби на претпријатието уште од раните утрински часови беа на терен, каде работеа на отстранување на отпадот и расчистување на локациите, велат oд „Охридски Комуналец“.


Посочуваат дека несовесното однесување на поединци и неконтролираното расфрлање отпад претставуваат сериозен проблем, кој негативно влијае врз животната средина и изгледот на населените места.
Од претпријатието повторно упатуваат апел до граѓаните да не го оставаат кабастиот и зелениот отпад на несоодветни локации, туку навремено да ги контактираат надлежните служби на дежурните телефонски броеви:
- 075-495-428
- 075-397-944
Грижата за чиста и здрава животна средина е заедничка одговорност.











