Поддршката за младите мора да биде силна и институционална

Во Охрид се одржува Националниот форум за младинска работа, тридневен настан кој ги обединува младинските организации, институциите, општините и младите активисти од целата држава. Во фокусот е потребата од системска и континуирана поддршка за младите, при што одговорноста не е само на централната власт, туку и на локалните самоуправи, кои треба да создаваат услови за нивен развој, активно учество и реализација на нивните потенцијали.
„Искуството покажува, оние оние младински центри коишто се формирани, коишто немаат или имаат многу мала финансиска поддршка од општината, тие згаснуваат. Тоа е само доказ дека буџитирањето за младинските потреби треба да биде засебно и тој буџет треба да биде достоен согласно на барањата на младите.“– потенцира Зоран Илиески, извршен директор на Коалицијата на младински организации СЕГА.
И покрај законската рамка за младинско учество и младински политики, утврдена во 2020 год, нивната реализација на локално ниво во голема мера зависи од политичката волја на општинските раководства.

„ Немаме за жал многу примери во Македонија. Имаме можеби 10, но тие 10 се малце спрема тие 80 општини коишто ги имаме. Во секој случај ова е порака до сите градоначалници, сите претседатели на совети, советници во локалната самоуправа дека треба сериозно да го земат во предвид гласот на младите, односно нивната потреба што сакаат да му се каже дека се важни, за да делуваме превентивно во иселувањето за да сфатат младите дека се важни, се уште клучни во оваа држава, во оваа заедница, во оваа општина.“- вели Илиески.

Како позитивен пример за локална поддршка, годинава за првпат беше доделено признанието „Младински пријателски град“, односно „Општина по мерка на младите“. Наградата ја добија осум општини, по една од секој плански регион, врз основа на успешноста во спроведувањето на Законот за младинско учество и младински политики. Во Југозападниот плански регион, признанието ѝ припадна на Општина Охрид.
„Во суштина, примерот на Охрид е само показател како треба а да се обезбеди дополнителна поддршка на младите во воннаставниот процес, односно надвор од образованието, каде што младинските работници се грижат за нивниот развој, професионален, персонален, ги насочуваат во нивната иднина и кариера а и им помагаат да го градат својот пат кон својата визија.“- вели Илиески.

Општина Охрид посветено работеше на воспоставување функционален систем за поддршка на младите и особено сме горди на отворањето на Младинскиот центар во 2022 година, воспоставувањето на Локалниот совет на млади и Локалното младинско собрание, како и донесувањето на Локалната стратегија за млади, рече во обраќањето градоначалникот, Кирил Пецаков.
„ Но, секако нашата заложба не завршува тука. Следниот значаен чекор е отворање на Младинскиот културен центар. Во таа насока, веќе е реализиран јавен конкурс за идејно архитектонско решение за адаптација на постојниот објект во поранешната касарна, а избраното решение претставува основа за следните фази на проектот и неговата реализација. Имаме визија да создадеме место кое ќе им припаѓа на младите. Простор во кој ќе се раѓаат нови идеи, ќе се развиваат таленти, ќе се создаваат културни содржини и ќе се поттикнува младинската креативност.“, рече Пецаков.

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) со години работи на зајакнување на младинското учество, со посебен акцент на вклучувањето на младите во сите фази на креирање политики и одлучување.
„За нас и за Владата на Северна Македонија, поддршката на младите луѓе е од критична важност, бидејќи сите знаеме дека нивните главни грижи се работните места, сигурноста на работните места, здравјето, образованието. Би сакале да се осигураме дека младите луѓе се заинтересирани да останат во својата земја, да придонесат кон оваа економија, така што нивото на среќа и задоволство од живеењето во земјата да биде многу високо. За ова е многу важно да се поддржат напорите на општините и на владата. “ –кажа Ана Чернишова, заменичка на постојаниот претставник на УНДП во Северна Македонија.
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност преку европските програми и стратешките партнерства ги поддржува младите во стекнување нови знаења, вештини и компетенции преку неформално образование.

„Како директор на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, поддржуваме преку програмите Еразмус плус, Европски солидарен корпус, потоа сме вклучени во некои стратешки стратешки европски соработки како што се Yuthwork, Europe goes local и таму каде што ги вклучуваме младите и младинските работници преку неформалното образование да можат да се стекнат со обуки и компетенции коишто навистина сметам дека се многу важни за за да можеме да ги поврземе во на национално и на локално ниво. Секако дека имаме сè уште предизвици со коишто се соочуваме, но сметам дека во овој момент соработката која што ја имаме на национално ниво, сите релевантни институции на локално ниво и со невладиниот сектор е многу важна и круцијална.“ –потенцира Ана Михајлов, директорка на Националната агенција за Европски образовни програми и мобилност.
Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА во Северна Македонија е активно вклучена во обликувањето на младинските политики, младинското учество и поддршка на младите да го заземат своето место во општеството.

„Сметам дека настаните како денешниот се исклучителна можност за дијалог помеѓу централната и локалната власт, но и младите како активни чинители во ова општество. Особено за Законот за младинска работа, којшто UNFPA како една од агенциите на Обединети нации којшто активно го поддржува е во интерес на сите нас бидејќи демографските политики укажуваат на тоа дека младите сè почесто ја напуштаат земјата. Ние преку нашата агенција UNFPA работиме на креирање на бази на податоци коишто укажуваат на тоа дека е потребно да се инвестира што е можно повеќе во спречување на заминувањето на младите луѓе преку креирање на можности, пред сè од економски карактер, но се разбира и од карактер на демократско учество во носењето на одлуки како на централно така и на локално ниво.“ – истакна Биљана Цветановска Гугоска, шефица на канцеларијата на УНФПА.

Националниот форум за младинска работа претставува платформа за размена на искуства, идеи и добри практики меѓу институциите, општините, младинските организации и останатите чинители. Во текот на тридневниот настан ќе се реализираат панел-дискусии, работилници, презентации и интерактивни сесии, насочени кон унапредување на младинската работа и зајакнување на меѓусекторската соработка. Целта е младите да бидат не само дел од дискусиите, туку и активни учесници во креирањето на политиките и одлуките што ја обликуваат нивната иднина.










