Skip to main content

По два неуспешни повици, Општина Охрид повторно ќе бара ревизор за спојување на „Градски пазар“ со „Градски гробишта“

Општина Охрид следната недела повторно ќе распише повик за ревизија на документацијата поврзана со спојувањето на ЈП „Градски пазар“ и ЈП „Градски гробишта“. За оваа намена средствата се зголемени од 300 на 500 илјади денари. На денешната седница на Советот, советникот Ванчо Костоски побара побрза реализација на процесот, додека од Општината очекуваат спојувањето да биде завршено два месеци по изготвувањето на ревизијата.
 |  Маја Савиќ  | 

Постапката за спојување на ЈП „Градски пазар“ со ЈП „Градски гробишта“ сè уште е во тек, иако најголем дел од подготвителните активности се веќе завршени. Прашањето за динамиката на спојувањето беше отворено на денешната 18-та седница на Советот на Општина Охрид, при разгледувањето на извештаите за работењето на јавните претпријатија за третиот квартал.

„Не е толку комплицирана работата да направите длабоко истражување на материјално-финансиското работење да видите кои се обврските кои се побарувањата на јавните претпријатија колку тие обврски и побарувања се реални и да си направи рамува систематизација и што побрзо да заврши. Ако сериозно се фатите работа два до три месеци се доволно за да заврши една таква работа ако сериозно се пристапи, а веќе ние една година поминавме и гледаме дека не оди во добар правец таа работа “ – кажа од говорницата Ванчо Костоски, советник од ВМРО-НП.

Советникот Костоски побара локалната самоуправа побрзо да ја заврши постапката, посочувајќи дека нејзината цел, како што беше најавено и од градоначалникот, е намалување на непотребните трошоци преку обединување на двете претпријатија во едно. Според него, иако од најавата поминала речиси една година, спојувањето сè уште не е реализирано.

Од Општина Охрид, пак, уверуваат дека подготвителните активности се преземени. Секретарот Александар Китески информираше дека досега е изготвен Статутот на новото претпријатие, направени се вешти наоди за материјално-финансиската состојба на двете јавни претпријатија, а подготвени се и предлог правилниците, вклучително и новата систематизација на работните места, со која се предвидени работни места за вработените од двете претпријатија. Причината за застојот е потребата од ревизија на досега изработените акти и финансиската документација, посочи Китески.

„Имавме два неуспешни обиди за избор на фирма која ќе направи ревизија на сите овие активности кои што беа преземени досега, затоа што така е по закон и мора да има посебна ревизорска куќа која што ќе направи ревизија на сите овие акти кои што се донесени, посебно во делот на финансиската состојба, обврски, побарувања и така натаму. Во текот на следната недела треба да се објави уште еден повик. Зголемени се средствата, беа предвидени 300.000 денари за изработка на таква ревизија, со оглед на тоа што не се пријави никој, го зголемивме износот на 500.000 денари. Така да, јас очекувам дека на објавениот повик нов следната недела ќе се јави фирма која што ќе ја направи таа ревизија за постапката да може да продолжи.“ – објасни Александар Китески, секретар на Општина Охрид.

Китески нагласи дека досегашното доцнење не е резултат на неисполнети обврски од страна на Општината или јавните претпријатија и додаде дека очекува по завршувањето на ревизијата и исполнувањето на законските рокови, постапката да биде финализирана во рок од два месеци.