Екипите на „Паркови и зеленило“ интервенираа по силниот ветер во Охрид

Дежурните екипи на „Паркови и зеленило“ при ЈП „Охридски комуналец“ интервенирале на повеќе локации во Охрид по невремето проследено со силен ветер, при што биле паднати гранки и дрвја.
Од претпријатието информираат дека екипите биле мобилизирани веднаш, а интервенциите се одвивале и во ноќните часови, со цел навремено отстранување на паднатите гранки и дрвја и обезбедување непречено одвивање на сообраќајот и движење на пешаците.

Покрај интервенциите по невремето, во текот на неделата продолжиле и редовните активности за одржување на зелените површини. Се собирале суви лисја во Градскиот парк и кај поранешната касарна, се крателе ниски гранки од дрворедот на булеварот „Туристичка“, со цел да се овозможи непречено движење на пешаците, а се отстранувала и ниската вегетација долж булеварот.
Тековно се одржувал и зелениот појас на улицата „Македонски просветители“.
Од „Охридски комуналец“ информираат и дека е дополнето хортикултурното уредување на новото катче во дворот на Општина Охрид, околу традиционалното охридско кајче. Декоративниот камен и жолтите хризантеми го заокружуваат ова хортикултурно решение.












