Предложени нови правила за заштита од семејно насилство: Полицијата добива овластување веднаш да ги отстранува насилниците од домот

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денес на брифинг со медиумите појасни дека со законските измени во областа на заштитата од семејно насилство се предвидуваат нови овластувања за полицијата, со кои ќе може итно да интервенира и да го отстрани потенцијалниот насилник од домот, а со цел да се спречи понатамошно насилство и да се обезбеди заштита на жртвата.
Новината е насочена кон побрза реакција на институциите во ситуации кога постои ризик од семејно насилство, без жртвата да биде принудена да го напушти сопствениот дом за да се заштити. Според најавените измени на Законот за полиција, полицискиот службеник ќе може, врз основа на проценка на ризикот и утврдена непосредна опасност, веднаш да изрече итна мерка за заштита. Таа ќе опфаќа отстранување на потенцијалниот насилник од домот, забрана за приближување и забрана за контакт со жртвата.
Мерката би можела да се изрече без согласност од жртвата и да трае до 48 часа. По истекот на овој период, судот ќе одлучува дали ќе ја потврди, укине или продолжи мерката, при што нејзиното времетраење може да биде до 30 дена. Дополнително, со новото законско решение се предвидува и воведување електронски алки за следење на лицата поврзани со семејно насилство. Со нив ќе се овозможи поголема контрола врз движењето на лицата за кои постои ризик од повторување на насилството, особено во случаи кога судот ќе донесе соодветна одлука.
Министерот посочи дека законското решение е подготвувано повеќе месеци, во соработка со експерти, судии, обвинители, како и претставници на граѓанските организации. Според него, целта е да се овозможи побрза реакција на полицијата на терен и да се зајакнат институционалните механизми за заштита на жртвите. Тошковски нагласи дека ниту една законска измена сама по себе не може целосно да го искорени семејното насилство, но очекува новите решенија да донесат подобри резултати во справувањето со овој проблем.
Предложеното законско решение веќе е доставено до Собранието, што значи дека неговата примена ќе зависи од натамошната собраниска постапка и усвојувањето на измените.








