Кривична пријава за охриѓанецoт кој ја претепа девојката, за дело „тешки телесни повреди“, судот му одреди мерки на претпазливост

СВР Охрид поднесе кривична пријава против 31-годишниот К.К. од Охрид, кој ја нападнал својата 26-годишна девојка и ѝ нанел тешки телесни повреди. Во врска со случајот, приведен бил и таткото на девојката, по пријава за упатени закани кон осомничениот и неговото семејство.
Во врска со случајот со насилството врз 26-годишната девојка во Охрид, од МВР информираат дека е поднесена кривична пријава против 31-годишниот К.К. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Тешка телесна повреда“ по член 131 став 3 од Кривичниот законик.
Според полициските информации, инцидентот се случил на 15 ноември, околу 02:00 часот, по претходна расправија меѓу партнерите, која започнала во домот на пријавениот, а продолжила во неговиот автомобил. Таму, според пријавеното, 31-годишникот физички ја нападнал девојката, а откако го запрел возилото, продолжил со нападот. Од здобиените повреди, 26-годишната девојка изгубила свест и паднала.
Таа најпрво била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во Специјалната болница „Св. Еразмо“, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.
Од полицијата презеле мерки и веднаш по настанот, во 05:05 часот, К.К. бил лишен од слобода и задржан во полициска станица.
По барање на Основното јавно обвинителство, Основниот суд во Охрид донел решение со кое на осомничениот му се изречени мерки на претпазливост.
Приведен и таткото на девојката по пријава за закани
Во врска со истиот настан, од СВР Охрид информираат и за уште еден инцидент.
Имено, на 15 ноември, во 08:50 часот, во полициската станица мајката на 31-годишниот К.К. пријавила дека таткото на повредената девојка, 49-годишниот Љ.Ѓ. од Охрид, преку мобилен телефон упатувал закани кон нејзиниот син и членовите на семејството.
По пријавата, истиот ден, во 13:20 часот, Љ.Ѓ. бил лишен од слобода и задржан во полициска станица. Против него, според информациите од полицијата, ќе биде поднесен соодветен поднесок.








