Skip to main content

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ бара целосно расчистување на случајот со претепаната девојка во Охрид

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го осуди насилството врз 26-годишната Сара од Охрид и побара детална истрага, целосно расчистување на случајот и одговорност за сите евентуално инволвирани во обид за влијание врз постапката. Од партијата реагираат и на одлуката на судот за изрекување мерки на претпазливост за осомничениот.
 |  инфодеск  | 

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ остро и недвосмислено го осудува насилство врз младата девојка од Охрид и изразува целосна поддршка и сочувство со Сара и нејзиното семејство. Од партијата порачуваат дека за насилство нема и нема да има место во државата, нагласувајќи дека никој не е над законот.

Во реакцијата се посочува дека иако МВР брзо реагирало и го обезбедило осомничениот, скандалозно е однесувањето на надлежниот јавен обвинител кој го пуштил на слобода со благи мерки на претпазливост.

„Откако МВР постапило и го обезбедило осомничениот за насилството, надлежниот јавен обвинител го пуштил на слобода, со благи мерки на претпазливост и тактизира. Ова е скандалозно однесување на Обвинителството, за кое мора да има одговорност“,се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека, доколку постојат индиции дека некој, вклучително и од Обвинителството, се обидува да го заташка случајот или незаконски да влијае врз постапката, тоа мора веднаш да биде истражено.

„Институциите не смеат да имаат милост кон насилниците! Државата мора да реагира јасно, недвосмислено и во согласност со законите. Ниту еден случај на насилство врз жените не смее да помине неказнето“, порачуваат од партијата.